Предлогот на ЕУ за нула царини „не е доволен“, порача Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека предлогот на Европската унија за целосно, реципрочно ослободување од царините за индустриски производи, вклучително и автомобили, не е доволен за да се напуштат мерките што ги најави минатата седмица.

„Не, тоа не е доволно“, одговори Трамп на предлогот изнесен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во понеделникот.

„Европската унија се однесува многу, многу лошо со нас“, додаде американскиот претседател, кој во средата објави царини за целиот свет, вклучително и 20 отсто за Европската унија.

Трамп верува дека трговскиот дефицит меѓу САД и ЕУ „брзо ќе исчезне“ благодарение на зголемените европски купувања на американски енергетски производи.

„Тие мора да купуваат и да се обврзат да купуваат количества енергија што е еднаква на овој трговски дефицит“, додаде тој.

Трамп притоа не прецизираше дали тоа ќе резултира со укинување на царините против ЕУ.
Зборувајќи за дефицитот, Трамп ја споменува сумата од 350 милијарди долари. Сепак, трговскиот дефицит со ЕУ во 2024 година беше значително помал – според податоците на САД, тој изнесуваше 235,6 милијарди долари, а според Eurostat, тој бил 216,8 милијарди долари.

„Предложивме нула царини за индустриските производи. Европа е секогаш подготвена да постигне добар договор“ со САД, рече фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел. Но, „ние исто така сме подготвени да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, предупреди таа.