Судскиот совет е повикан да реагира по реакциите за пресудата за Теодора, вели Филков

„Уште еднаш се покажа дека довербата на граѓаните во судството од два отсто не е џабе“, вака министерот за правда Игор Филков ја коментираше пресудата на судијата Ељведин Ферати кој вчера донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор.

Во одговор на новинарско прашање поврзано со вчерашната пресуда, Филков посочи дека Судскиот совет е повикан да реагира по реакцијата во јавноста.

– Јас ниту смеам, ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста, а реакцијата на јавноста е оној глас на народот којшто е многу битен, којшто треба да допре до секој од нас, вклучително и до Судскиот совет кој е повикан да реагира. Тие два посто доверба во судството уште еднаш се покажа дека не се џабе, рече Филков.

Прашан како е дозволиво да суди судија кој беше критикуван поради сомнежи дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување, Филков кусо одговори дека е недозволиво и како што рече, прашањето треба да се постави до Судскиот совет.

– Апсолутно е недозволиво и затоа работиме на измените. Она што, за жал, ни се повторува е дека мораме да побрзаме за вакви случаи да нема во иднина. Прашањето може да го поставите до Судскиот совет, рече Филков.