
Јапонија ќе испрати тим за трговски разговори, рече американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека во понеделникот разговарал со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, кој пак рече дека го повикал Трамп да ја преиспита својата царинска политика.
Одлуката на Трамп да воведе давачка од 25 отсто за увоз на автомобили и 24 отсто реципрочни царини за други јапонски стоки се очекува да ѝ нанесе тежок удар на јапонската економија зависна од извозот. Аналитичарите предвидуваат дека повисоките царини би можеле да го намалат економскиот раст до 0,8 отсто.
„Земјите од целиот свет разговараат со нас. Се поставуваат тешки, но праведни параметри“, напиша Трамп на социјалната платформа Truth.
Министерот за финансии Скот Бесент напиша на социјалните мрежи дека Трамп ги задолжил него и американскиот трговски претставник Џејмисон Грир за трговски преговори со Јапонија.
Јапонскиот премиер потврди дека во телефонски разговор му рекол на Трамп дека неговата политика на воведување царини е многу разочарувачка и го повикал да ја преиспита.
„Значи, имаме одлични односи со Јапонија. Така ќе остане“, им рече подоцна Трамп на новинарите.
Американскиот претседател минатата седмица објави дека ќе воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и уште повисоки стапки за десетина земји, вклучително и некои од најголемите трговски партнери на САД, што предизвика шокови низ глобалниот пазар и ги збуни американските сојузници.
Во неделата вечерта Ишиба ги повика клучните министри задолжени за економијата, вклучително и министерот за финансии Кацунобу Ката и им наложи внимателно да го следат и да реагираат на развојот на пазарот, објави јапонскиот весник Nikkei.
Бесент изјави за Fox Business Network дека допрва треба да види каков и да е предлог од Токио, но дека очекува разговорите за намалување на нецаринските трговски бариери со Јапонија да бидат успешни.
Јапонија е меѓу 50 до 70 земји кои досега се обратиле до администрацијата на Трамп и побарале преговори, рече Бесент.
„Јапонија е многу важен воен сојузник. Тие се, исто така, многу важен економски сојузник и САД имаат долга историја со нив. Би очекувал Јапонија да ја добие предноста само затоа што тие се појавија многу брзо“, нагласи Бесент.
Бесент напиша во објава на X дека Кина се изолирала себеси возвраќајќи на царините на САД.
„За земјите кои нема да возвратат, го достигнавме највисокото ниво на царини и се надевам дека со добри преговори, на крајот ќе постигнеме и нивно намалување“, изјави Бесент за Fox Business Network.