Бесент: Трамп најверојатно ќе може да постигне договор со сојузниците за царините

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во средата рече дека мисли оти администрацијата на претседателот Доналд Трамп може да постигне договори за царини со американските сојузници додека се подготвува да одржи разговори со повеќе од 70 земји во наредните седмици и предупреди дека обидите за сојузување со Кина би можеле да имаат спротивен резултат.

Бесент, говорејќи на конференцијата на Американското здружение на банкари (АВА) во Вашингтон, рече дека ќе игра водечка улога во преговорите за царините што минатата седмица го објави претседателот Доналд Трамп.

Додаде дека, и покрај превирањата на финансиските пазари, компаниите и извршните директори со кои разговарал генерално му кажуваат дека американската економија оди многу добро.

Жестоките царини на САД, насочени кон решавање на трговскиот дефицит на земјата со многу држави во светот, предизвикаа бура во глобалниот трговски поредок, поттикнувајќи ги стравувањата од рецесија и бришејќи трилиони американски долари од пазарната капитализација на големите компании.

Глобалните пазари дополнително паднаа во средата откако стапија на сила царинте од 104 отсто за к инески стоки, а острата распродажба на американските обврзници ги поттикна стравувањата дека странските фондови бегаат од американските средства.

Бесент рече дека има голем интерес за преговори со САД за намалување на царините, истакнувајќи дека Трамп веќе разговарал со челниците на Јапонија и Јужна Кореја и дека американските претставници ќе се сретнат со делегација од Виетнам во среда.

„Мислам дека на крајот веројатно ќе постигнеме договор со нашите сојузници, со другите земји кои се… добри воени сојузници, но не и совршени економски сојузници. И тогаш можеме да и пристапиме на Кина како група“, рече Бесент.

Додаде дека реципрочните царини што ги најави Трамп се горната граница доколку земјите не одговорат на нив, но Кина не го послуша тој совет.

„Кога станува збор за ескалација, за жал, најголемиот престапник во глобалниот трговски систем е Кина и таа е единствената земја што ескалира“, рече Бесент.

Тој не ја коментираше одлуката на Кина да ги зголеми царините за увоз на американски стоки на 84 отсто.

Во врска со ставот на висок шпански функционер кој сугерираше дека Европа треба повеќе да се усогласи со Кина, тој рече: „Тоа би било како да си го пресечеш грлото“.

Предупреди дека Кина ќе продолжи да произведува премногу стоки и ќе ги продава евтино на светските пазари, иако американскиот „тарифен ѕид“ ќе ги задржи таквите стоки надвор од американскиот пазар.