
Потегот на Кина да воведе одмазднички царини од 84 отсто против Соединетите држави е несреќен и губитнички предлог за Пекинг, изјави во средата американскиот министер за финансии Скот Бесент.
„Мислам дека е жално што Кинезите всушност не сакаат да дојдат и да преговараат, бидејќи тие се најголемите престапници во меѓународниот трговски систем“, рече Бесент во интервју за Fox Business Network.
Бесент рече и дека сојузниците сакаат да разговараат за тоа како повторно да се урамнотежи кинеската трговска политика во разговорите со американските претставници.
„Тоа е голема победа. САД се обидуваат да воспостават рамнотежа кон поголемото производство. Кина треба да воспостави рамнотеже кон поголема потрошувачка“, рече тој.
Бесент, исто така, го предупреди Пекинг да не се обидува да ја девалвира својата валута како начин да одговори на новите царини.
„Ако Кина почне да девалвира, тогаш тоа е данок за остатокот од светот и секој ќе мора да продолжи да ги зголемува своите царини за ја надоместат девалвацијата. Затоа би ги повикал да не го прават тоа и да дојдат на масата“ за разговори, рече Бесент.
Тој не го исклучи отстранувањето на кинеските акции од американските берзи, велејќи дека сите опции се на маса.
Кина во четвртокот објави дека ќе воведе царини од 84 отсто на производи од Соединетите држави, што е повеќе од претходно објавените 34 отсто како одговор на трговската ескалација на американскиот претседател Доналд Трамп. „Реципрочните“ царини на Трамп за голем број светски нации стапија на сила претходно во средата, вклучително и 104 отсто за производи од Кина. Европската унија ќе ги објави своите контрацарини подоцна во текот на денот.
Потегот на Трамп го потресе глобалниот трговски систем, ги поттикна стравувањата од рецесија и збриша трилиони долари од пазарната вредност на големите компании. Како одговор на кинеските контрамерки, САД речиси ги удвоија царините за Кина, кои изнесуваа 54 отсто минатата седмица.
Пекинг претходно во средата го прогласи својот трговски суфицит со САД за неизбежен и предупреди дека има „одлучност и средства“ да продолжи да се бори доколку Трамп продолжи да ги таргетира нејзините производи.
Кина ѝ напиша на Светската трговска организација (СТО – WTO) дека американските царини се закануваат дополнително да ја дестабилизираат глобалната трговија.
„Ситуацијата опасно ескалира. Како една од засегнатите членки, Кина изразува сериозна загриженост и цврсто се спротивставува на овој непромислен потег“, се вели во писмото до СТО.