Германија: Претставен коалицискиот договор на демохристијаните и социјалдемократите

Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и веројатно иден германски канцелар Фридрих Мерц, за време на презентацијата на коалицискиот договор на идната демохристијанско-социјалдемократска влада во средата во Берлин изјави дека договорот е силен сигнал за Германија, но и за Европската унија.

„Германија добива ефикасна и силна влада, тоа е порака до нашите европски партнери. Европа може да се потпре на Германија“, рече Мерц по завршувањето на коалициските преговори меѓу Христијанско-демократската унија CDU/CSU и Социјалдемократската партија на Германија (SPD).

Мерц ги пофали „брзите и хармонични“ преговори со SPD и заклучи дека тоа е важна основа за идната соработка. „Заедно дојдовме до овој договор и мислам дека тоа е добра основа за работата на владата во следниот изборен период“, рече Мерц.

Изрази уверување дека новата влада ќе започне со работа „најдоцна на почетокот на мај“.

„Порака до Европа: Германија е повторно тука“

„Иднината на нашата земја, нашите граѓани, но и иднината на Европа е во прашање“, рече Мерц. Веројатниот иден канцелар укажа и на новите глобални околности и заклучи дека „многу механизми работат против нас, а не во наша полза“.

Мерц ги истакна даночните намалувања, новите инвестиции и инвестициите во инфраструктурата како најважни елементи на коалицискиот договор. За да се помогне на индустријата, особено на онаа која зависи од евтината енергија, се планира намалување на даноците за струјата.

Меѓу важните точки на договорот, како што нагласи Мерц, е крајот на нерегулираната миграција и измените во законот кон странците, кои вклучуваат промена на неодамна донесениот закон за државјанство, така што стекнувањето германско државјанство повторно ќе биде можно дури по пет години наместо претходно скратениот период на три години.

„Успех за владата, пораз за екстремистите“

Мерц рече дека формирањето влада ќе го намали подемот на десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која сепак бележи зголемување на нејзината популарност во анкетите последните денови и во средата успеа да ја мине неговата CDU во анкетите.

Лидерката на AfD, Алис Вајдел, во својата прва реакција на коалицискиот договор, рече дека тоа е „повелба за капитулација“ на Фридрих Мерц. „CDU/CSU се откажа од сите свои изборни ветувања“, најави Вајдел.

Шест месеци по предвремените парламентарни избори во Германија, AfD според резултатите од анкетата на Ipsos има поддршка од 25 отсто, додека во февруари освои 20,8 проценти од гласовите.

Демохристијанската CDU/CSU, која на изборите на 23-ти февруари освои 28,5 отсто од гласовите, според анкетата има поддршка од 24 проценти.

Социјалдемократската партија на Германија (SPD) и партијата на Зелените бележат намалена поддршка во освоените гласови на изборите, додека партијата Левица го подобри својот резултат од 8,8 на 11 отсто.

Падот на популарноста CDU/CSU, според аналитичарите е поради промената на ставот на партијата и нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц. Додека зголемувањето на популарноста на AfD и Левица е исто така поврзано со нивната политика на барање дипломатско решение за војната во Украина.

„Кога граѓаните ќе сфатат дека партиите од центарот не само што можат да ги идентификуваат, туку и да ги решат проблемите што ја мачат земјата, тоа ќе им го одземе теренот на екстремистите“, рече Мерц.

Лидерот на Христијанско-социјалната унија (CSU) Маркус Зедер рече дека коалицискиот договор е „пакт за Германија“, но и сигнал во странство „дека Германија се враќа“.

Договорот за коалиција пред новинарите во зградата на парламентот, покрај Мерц и Зедер, го претставија и потпретседателите на SPD, Ларс Клингбејл и Саскија Ескен.

При презентацијата на коалицискиот договор не беа споменати имињата на новите министри, но беше најавено дека CDU ќе добие шест министерства, меѓу кои министерствата за надворешни работи и за економија, SPD седум, меѓу кои и Министерството за финансии, а CSU три министерства, од кои најистакнато е Министерството за внатрешни работи.

Партиската база во наредните денови на референдум треба да одлучи дали SPD ќе влезе во коалициска влада со Унијата. Текстот на договорот CDU ќе го стави на гласање на партискиот конгрес.