Општина Охрид со јавен повик за надомест на штетите за земјоделците чии насади се засегнати од мразот изминатите денови

Општина Охрид објави Јавен повик за пријавување штети на земјоделски насади настанати поради ниските температури и голомразицата што изминатите неколку дена го зафати регионот.

Пријавувањето на штетите може да се изврши почнувајќи од денеска се до 17 април.

Граѓаните потребно е да поднесат Барања кои ќе им бидат достапни во просториите на архивата на општина Охрид.

Покрај Барањето секој барател треба да достави копија од имотен лист, копија од лична карта, доказ за користење на земјиштето за насадите (Решение за запишување на земјоделското стопанство во единствениот регистар на земјоделски стопанства издадено од МЗШВ, Имотен лист, Договор за закуп на земјоделската површина – се доставува доколку земјиштето е под закуп), како и трансакциска сметка, информираат од Општина Охрид.

Со потпишување на Барањето потребно е да се потпише и изјава за веродостојност на податоците и изјава за согласност за користење на личните податоци. Посочуваат дека доколку доставените документи не се целосни, барањето нема да се разгледува.

Земјоделците од регионот веќе укажаа дека штетите од снегот и ниските температури се видливи во овошните насади, особено засегнати се овошките во цут како сливите, црешите, јаболката…. Според нив, неповолните временски услови сигурно негативно ќе се одразат на родот, што значи удар врз семејствата од охридскиот регион кои исклучиво егзистираат од земјоделие.