
Стратегијата на американскиот претседател Доналд Трамп се исплатеше, изјави во средата американскиот министер за финансии Скот Бесент, откако беше објавено паузирање во спроведување на некои царини за остатокот од светот, со исклучок на Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека ќе паузира некои од неговите нови царини на 90 дена и дополнително ќе ги зголеми царините за увозот од Кина.
„Тоа беше стратегија од самиот почеток и може да се каже дека ја натера Кина да направи грешка“, изјави американскиот министер за финансии за новинарите неколку минути откако Трамп најави 90-дневна пауза на царините.
Ненадејната промена дојде помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји кои се трговски партнери на Соединетите држави.
Претходно во средата, Кина објави царини од 84 отсто за увоз од САД, а Трамп сега рече дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина на 125 отсто од 104 отсто, кои стапија на сила на полноќ.
„Одобрив 90-дневната ПАУЗА и значително намалување на реципрочните царини од 10 отсто во тој период“, објави Трамп додавајќи дека и одлуката за паузирање и зголемување на царините за Кина стапуваат во сила веднаш.