
Најдобриот играч на Ливерпул, 32-годишниот Мохамед Салах, чиј договор со „Црвените“ истекува на 30 јуни, најверојатно ќе остане на „Енфилд“, објавија во четвртокот британските медиуми, додавајќи дека е постигнат позитивен напредок во преговорите за продолжување на соработката.
Минатата семица медиумите на Островот објавија дека саудискиот Ал-Хилал, кој во јануари го раскина договорот со бразилската ѕвезда Нејмар, е подготвен да понуди огромни пари и да го направи Салах најплатен фудбалер во светот. Тие, исто така, тврдеа дека египетската гол-машина е сè понаклонета кон идејата кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија, каде веќе играат бројни светски фудбалски ѕвезди.
Но се чини дека Салах, сепак, ќе остане во Ливерпул каде остави длабока трага. Повикувајќи се на извори блиски до преговорите, британските медиуми пренесуваат дека има позитивен развој на настаните и дека Енфилд е оптимист и верува дека Египќанецот ќе остане кај „Црвените“.
Салах е најплатениот играч на Ливерпул со годишна плата од 22 милиони евра, но тој е и најпродуктивниот фудбалер на „Црвените“. Оваа сезона постигна 32 гола и имаше 22 асистенции во сите натпреварувања.
Египетскиот напаѓач е едно од најдобрите засилувања што Ливерпул некогаш ги довел. Тој на „Енфилд“ пристигна во јули 2017 година од Рома во трансфер вреден 42 милиони евра, а досега има постигнато 243 гола и 111 асистенции.