Остар скок на европските и азиските берзи

Цените на акциите остро пораснаа на европските берзи во четвртокот претпладнето, како и на азиските берзи, додека инвеститорите здивнаа откако Вашингтон го одложи спроведувањето на реципрочните царини за 90 дена.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции се зголеми за околу 7 отсто во првиот дневен пресек од тргувањето, враќајќи ги сите вчерашни загуби. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 5,76 отсто, на 8.120 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 7,50 отсто, на 21.130 поени, а париски CAC за 6,89 отсто, на 7.335 поени.

Цените на акциите силно пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции порасна за повеќе од 5 отсто во истиот временски пресек како и во Европа. Јапонскиот индекс Nikkei скокна за повеќе од 9 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонгконг, Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 1 и 6,6 отсто.

Така, берзите го следат вчерашниот силен скок на Волстрит, каде индексот Dow Jones порасна за 7,9 отсто, додека S&P 500 скокна за 9,5 отсто, а Nasdaq индексот за 12,2 отсто.

Најголемиот дневен скок на индексот S&P 500 од светската финансиска криза во 2008 година следеше откако американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека привремено, за 90 дена, ќе ја одложи примената на реципрочните царини за сите земји, освен за Кина, на која дополнително ќе ги зголеми царините на вкупно 125 проценти.

Министерот за финансии Скот Бесент на прес-конференција појасни дека реципрочните царини ќе се одложат, а основната царина од 10 проценти ќе се плаќа при увоз на речиси сите стоки во САД.

Одложувањето нема да се однесува на претходно воведените секторски царини за автомобили, челик и алуминиум, како и за царините од 25 отсто за Канада и Мексико, а во наредните месеци Вашингтон ќе преговара со трговските партнери за нови услови за меѓусебна трговија.

Зголемувањето на царините за увоз на кинески стоки на вкупно 125 отсто е одговор, рече Трамп, на кинеското зголемување на царините за увоз на американски стоки на 84 отсто.

„Одложувањето на тарифите ги изненади инвеститорите, како што беше потврдено од силниот пораст на цените на акциите. Очигледно, апетитот за поризични инвестиции се зајакна по објавувањето на Трамп. Но, со оглед на тоа што тарифите остануваат на сила, ова е сè уште драматично зголемување на ефективната царинска стапка во САД на речиси 20 проценти“, рече Џеф Шулце, стратег во „ClearBridge Investments“.

И покрај тоа што Трамп ги зголеми вкупните царини за кинескиот увоз на 125 отсто и иако кинеските царини за американскиот увоз од 84 отсто стапија на сила денеска, кинеските берзи пораснаа.

„Не верувам дека ниту едната страна ќе попушти во следните неколку дена, но порано или подоцна ќе има преговори. Многу е неизвесно до кои нивоа ќе се намалат тарифите за време на преговорите, така што може да се очекува неизвесно тргување во наредниот период“, вели Пол Ешворт, економист во „Capital Economics“.