Цените на златото надмина 3.200 долари

Цените на златото во петокот првпат на светските пазари надминаа 3.200 долари, бидејќи инвеститорите бараат безбедно засолниште за капиталот во услови на слабеење на доларот и стравувањата дека трговската војна меѓу САД и Кина може да ја загрози глобалната економија.

На физичкиот пазар унца злато попладнево чинеше 3.223,36 долари, 1,56 отсто поскапо од вчерашното затворање на тргувањето. Накратко достигна ново највисоко ниво откако со златото првпат се тргуваше на берзата, по цена од 3.237 долари.

Од почетокот на седмицата поскапе за околу шест отсто.

На американскиот пазар со златото во терминските договори (фјучерсите) се тргуваше по цена која беше повисока за 2,14 отсто, речиси 3.228 долари.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот ги зголеми царините за кинеските стоки на дури 145 отсто, а Пекинг возврати со зголемување на царините за американски увоз на 125 отсто. Ескалацијата на трговската војна се заканува да ги наруши глобалните синџири на снабдување, велат аналитичарите.

„Ризикот од рецесија се зголемува, приносите на обврзниците растат, а американскиот долар слабее. Сиве овие фактори го поддржуваат златото како своевидна заштита од криза и инфлација“, вели Александер Зумфе, трговец со благородни метали во германската филијала на „Heraeus Metals“.

Инвеститорите традиционално купуваат злато за да ја заштитат вредноста на имотот за време на периоди на зголемена политичка нестабилност и да се спротивстават на падот на каматните стапки. Купувачите вклучуваат централни банки кои сакаат да ги зајакнат своите биланси и да обезбедат залихи.

Во такви услови златото лани поскапе за повеќе од 28 отсто, покажуваат пресметките на здружението на рударски компании WGC. Од почетокот на годината неговата цена е зголемена за речиси 21 отсто.

И послабиот долар ја зголемува побарувачката за злато, бидејќи ја зајакнува куповната моќ на инвеститорите со други валути, забележува Reuters.

Една унца сребро на физичкиот пазар попладнево чинеше 31,68 долари, што е за 1,56 отсто повеќе од вчерашното затворање на тргувањето. Цената на паладиумот скокна за 1,6 отсто, на 923,18 долари, додека со платината се тргуваше за 0,17 отсто повисока цена, на 939,62 долари.