
Американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот изјави дека Соединетите држави претстојниот викенд ќе одржат директни разговори со Иран за неговата нуклеарна програма.
Разговорите меѓу американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и висок ирански челник се закажани за сабота во Оман.
„Се надеваме дека ова ќе доведе до мир. Бевме многу јасни дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје и мислам дека тоа е она што доведе до овој состанок“, рече Рубио за време на состанокот на владата со кој претседаваше претседателот Доналд Трамп.
Трамп во понеделникот објави дека САД и Иран се подготвени да започнат директни разговори за нуклеарната програма на Техеран во сабота, предупредувајќи дека Иран ќе биде во „голема опасност“ доколку преговорите не успеат.
Најавата предизвика одредена конфузија, бидејќи Иран рече дека преговорите ќе бидат индиректни, а Оманците ќе дејствуваат како посредници.
Американски официјален претставник запознаен со планирањето изјавил за Reuters дека двете делегации ќе бидат во иста просторија за разговорите.
Во средата Трамп ја повтори својата закана дека ќе употреби воена сила доколку Иран не се согласи да ја прекине својата нуклеарна програма. Трамп рече дека на Иран не може да му се дозволи да има нуклеарно оружје и дека ако одбие да го запре развојот, може да следи воена акција.