Големата игра

Европската унија, а со тоа и земјите од Западен Балкан, ќе треба брзо и флексибилно да се прилагодуваат на новата реалност. Разговорот на премиерот Христијан Мицкоски, со државниот секретар на САД за трговија е мал, но добар почеток. Најважно е во овој момент македонската влада да ги согледа вистинските цели на „madman“ во однос на царините кон Македонија.

Во историјата на дипломатијата „Големата игра“ означува период на ривалство помеѓу руската и британската империја, кој трае од 1830 до 1907 година. Главна цел на ова ривалство е проширувањето на влијанието на овие империи во централна Азија, посебно во Авганистан, Персија и Тибет. Двете империи се користеа со сите можни средства за да ги остварат своите гео-политички цели, но во ниту еден момент директно не се конфронтираа (Кримската војна, од 1853 до 1856 година, доведе до директен судир, но таа не беше дел од Големата игра-м.з.). Ривалството помеѓу овие две империи заврши со договорот од 1907 година, кој всушност претставуваше неформален сојуз против германската империја. Хегемонот – Велика Битанија, не наметна, но прифати договор за поделба на сфери на влијание со Русија.

За воља на вистината, требе да се каже дека историските настани се точни, но самиот термин „големата игра“ е повеќе мит отколку реалност. Убаво звучи во митските приказни, но и литературата. Но, и предупредува дека во меѓународните односи, посебно помеѓу големите сили, ништо не е сигурно. Посебно во ситуации кога тие не сакаат директни судири. Состојба која во моментов сите ја живееме.

Истекува четвртиот месец од мандатот на старо-новиот американски претседател, а светот веќе е во хаос. Хегемонот, кој од завршувањето на Студената војна,   успеваше да го контролира глобалниот светски систем, се одлучи на поинаков, радикален, однос. Презема чекори кои полека, но сигурно водат во правец на глобална нестабилност. Одлуката за воведување на високи царински тарифи, за над 60 држави во светот, претставува директен удар врз светската трговија. Со самото тоа и врз светската економија. При ова, Хегемонот, за прв пат во историјата на меѓународните односи, се одлучува на радикален чекор. Чекор кој треба да доведе до распад на систем кој самиот го создаде.

Правилата на светската трговија се утврдени од страна на Светската трговска организација, која е дел од воспоставениот систем на Bretton Woods. Таа заедно со Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, беа создадени согласно замислите на победниците од Втората светска војна, а посебно САД и Велика Британија, за правците во кои треба да се развива светската економија. При тоа, се разбира, Хегемонот и неговите сојузници, обезбедија есклузивни права за себе.   Резултат на вака воспоставениот систем е огромната нееднаквост, како внатре во државите, така и помеѓу нив. Со самото тоа, барањата за промена на целиот глобален систем, вклучувајќи ги и ООН, стануваат се’ погласни и поаргументирани. Дополнително, приемот на Кина во СТО, во 2001 година, драстично го смени односот на силите на светскиот пазар. Во моментот кога Кина беше примена во оваа организаицја вредноста на нејзиниот БДП изнесуваше 1,7 трилиони долари. Во 2021 година тој изнесува 17 трилиони долари. За разлика од Кина, вредноста на БДП на САД во 2001 година изнесуваше 17 трилиони долари, а во 2023 26 трилиони. Доколку Кина продолжи со истата стапка на раст, како минатата година, од 5%, таа во 2035 година, ќе стане најголемата светска економија.

Системот кој го создаде самиот Хегемон, во последниве дваесетина години, почна да носи негативни резултати, за самиот него. Обвинувањата на претседателот Трамп, дека трговскиот дефицит на САД е голем зошто сите „краделе“ од САД, се наивни. САД не би биле САД, доколку така лесно другите држави можат да „крадат“ од нив. Либерализацијата на светската економија, одобрена со нивни амин, го предизвика американскиот дефицит. Големите компании и корпорации во трката за профит го префрлаа производството во држави каде цената на финалниот производ ќе биде најконкурентна на светскиот пазар. И тука нема „љутиш“. Хегемонот, заради воспоставената внатрешна благосостојба, веќе не е во можност да понуди подобри услови отколку државите во развој, вклучувајќи ја и Кина.

Теоријата на хегемонистичките системи калкулира со проценка дека периодот на „владеење“ на еден Хегемон трае од прилика помеѓу 80 и 120 години. Доколку овие теоретичари се во право, тоа би значело дека хегемонистичката сила на САД е во залез. За воља на вистината има видливи знаци, посебно за време на претходниот претседател. Претседателот Трамп и неговите најблиски соработници најверојатно ова го препознаваат. Од тие причини тие се одлучија на напад. Привидно објавија светска трговска војна, но таа генерално беше насочена кон Кина. Паниката која ја предизвикаа на светските берзи, но и меѓу своите сојузници, беше колатерала која скапо ќе ги чини. За само неколку дена претседателот Трамп даде „неконтролирани“ изјави, кој го доведуваат во прашање и неговиот углед. Недозволиво е за толку сериозни прашања како што е светската трговија и економија, да се даваат различни изјави, па и навредливи, за да на крајот, сите одлуки да ги стави во мирување, за сите држави, освен за Кина. Последната изјава, дадена изминатава среда, ако претседателот Трамп опстане на неа додека излезе текстов, е дека освен базичните царини од 10% на сите увезени производи, примената на сите останати царински давачки ги одложува за 90 дена. Образложението за ова е дека сите држави на кои им беа воведени дополнителни тарифи се согласиле да преговараат со САД, освен Кина.

Ова е точно. Кина веднаш по воведувањето на царинската стапка од 104% јасно стави до знаење дека ќе се бори до крај. Истовремно таа ги повика и останатите држави во светот да се спротивстават на хегемонистичката уценувачка политика на САД. Тешко е да се поверува дека овој повик на Кина ќе наиде на поширок одзив. Во моментов и Европската Унија, но и останатите сојузници на САД, се наоѓаат во состојба на исчекување. Се надеваат дека претседателот Трамп ќе прифати рационален пристап. Нешто во што најверојатно Кина не верува. Теоријата на „лудиот човек“ во меѓународните односи, создадена за време на претседателот Никсон, препознава „налудничаво“ однесување со цел да се постигне одредена цел. Тактиката е делувај „налудничаво“ со цел противникот да попушти. И таа понекогаш дава резултати. Но, оваа теорија укажува и на друг момент. Ако на „лудиот“ човек му попуштиш, тој може да побара и друго нешто.

Фактот дека воведувањето на различните царини кон различни држави не може методолошки да се објасни, укажува на момент, кој е близок до теоријата на „лудиот човек“. Претседателот Трамп сака билатерално, а не мултиратерално да постигне договор за царинските давачки. Тоа значи дека американската страна во текот на преговорите може да излезе и со други барања. Мексиканската влада веќе е загрижена дека во текот на преговорите САД можат да побараат отварање на прашањето за корстењето на водите на реката Рио Гранде. Дополнително, изјавите на американската администрација дека преговорите со различните држави ќе се водат врз основа на „tailor made approach“ оваа можност ја оставаат отворена. Фактички, Хегемонот, рушејќи го глобалниот трговски систем, вушност на овој начин сака да обезбеди реиндустријализација на својата држава, но и слободен пристап до неопходните суровини. Истовремено, кинеската економија да се стави под притисок, а со цел да се забави. Фактички, со овие свои потези, Хегемонот отворено ја започна „големата игра“ со својот предизвикувач. Колку долго ќе трае и какви резултати ќе произлезат, во моментов тешко може со сигурност да се процени. Едно е јасно. Светот влегува во непознати води. Историјата на човештвото не познава ваква глобална војна. Уште поважно, историјата на меѓународните односи не препознава ваков вид на судир помеѓу  Хегемонот и предизвикувачот. Ниту историјата, ниту теоријата, немаат одговор на  сите отворени прашања, кои испливаа на површината.

Италијанската влада ги намали предвидувањата за растот на економијата од 1,2% на 0,6%. Германските експерти исто така ги намалија прогнозите за стапката на раст од 0,8% на 0,1%. Најверојатно и другите држави ќе го сторат истото. Оптимистичките најави на новиот германски канцелар, не делуваат убедително.

Европската унија, а со тоа и земјите од Западен Балкан, ќе треба брзо и флексибилно да се прилагодуваат на новата реалност. Разговорот на премиерот Христијан Мицкоски, со државниот секретар на САД за трговија е мал, но добар почеток. Најважно е во овој момент македонската влада да ги согледа вистинските цели на „madman“ во однос на царините кон Македонија. Во оваа насока консултации со претставници на Србија и Босна и Херцеговина, не би биле на одмет. Исто, како и воспоставување на економско-дипломатски „кризен штаб“.

Во „големите игри“ најважно е малите држави да ја задржат главата над водата!

Автор: Јован Донев за НетПрес