Разговорите Путин-Виткоф завршија по повеќе од четири часа

Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф посветена на решавањето на конфликтот во Украина заврши доцна во петокот по повеќе од четири часа разговори.

Кремљ на својата веб-страница објави фотографија на која се гледа како двајцата официјални лица се ракуваат, истакнувајќи дека средбата се одржала во Претседателската бибиолтека во Санкт Петербург.

„Темата на средбата – аспекти на украинското решение“, соопшти Кремљ.

Руските новински агенции јавија дека средбата траела повеќе од четири ипол часа. Интерфакс објави дека Виткоф, специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за Блискиот исток, кој сѐ повеќе се ангажира со Русија, го напуштил местото на состанокот – Претседателската библиотека во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија.

Истовремено, во куса изјава, шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции (РПФИ), Кирил Дмириев, кој неодамна две дена престојуваше во Вашгинтон на разговори со американските функционери, преговорите ги оцени како „продуктивни“.

Претходно денеска, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на новинарски прашања рече дека е можно по вечерашните разговори со Виткоф, Путин да има телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.

Ова за кус период е веќе трета посета на Виткоф на Русија и разговори со Путин, а претходните два се одржаа во Москва. Претходно тој беше во Москва на 13-ти март и имаше средби со високи руски претставници, а вечерта беше примен од Путин. Како што објави тогаш Песков, Виткоф дал дополнителни информации за Украина, а рускиот претседател преку него му пренесувал информации и сигнали на својот американски колега.

На почетокот на февруари, Виткоф одлета во Русија за да преговара за размена на Американецот Марк Фогел, осуден за криумчарење и поседување дрога, а потоа учествуваше во руско-американските преговори на високо ниво во саудиски Ријад.