Украина ќе може да продолжи да се бори, уверуват Британија и Германија

Германија и Велика Британија во петокот испратија порака до Русија дека Украина ќе може да продолжи да се бори благодарение на помошта од Западот, иако САД ја продолжуваат својата политика на преговори со Москва.

Овие европски земји првпат претседаваа со состанокот на т.н. Рамштајн групa составени од околу 50 земји и органиации кои обезбедуваат воена помош за Украина. Според нив, рускиот претседател Владимир Путин не покажува знаци дека е подготвен за мир.

Претседавањето со состанокот во седиштето на НАТО во Брисел, САД го предаде на Велика Британија и Германија, кои најавија дополнителна воена помош од сојузниците за Украина во износ од 21 милијарда евра.

Во исто време, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, е во Русија и би можел да се сретне со претседателот Владимир Путин.

„Со оглед на тоа што руската агресија против Украина продолжува, мораме да прифатиме дека мирот во Украина изгледа недостижен во блиска иднина“, изјави германскиот министер за одбрана на заминување Борис Писториус.

И Писториус и британскиот секретар за одбрана Џон Хили се обидуваат да ја уверат Украина дека западната воена помош ќе трае.

„Ќе обезбедиме Украина да продолжи да има полза од нашата заедничка воена помош. Русија мора да разбере дека Украина е способна да продолжи да се бори, ние ќе ја поддржиме (…) Украина може да смета на нас“, уверуваше Писториус.

Хили ја опиша 2025 година како клучна година во борбата на Украина против руската инвазија.

„Сега сме во клучен момент од војната и ѝ велиме на Украина: стоиме со вас во оваа борба и ќе бидеме со вас во мир“, рече британскиот министер.

Американскиот минитер за одбрана Пит Хегсет виртуелно присуствуваше на состанокот.

„Најважно е тој да учествува на состанокот“, рече Писториус, признавајќи дека е нејасно во која насока ќе биде американското учество и поддршка.

На средбата преку видео-врска се приклучи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Контакт грапата за вооружување на Украина, формирана за време на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, ја координира воената помош за Украина. Администрацијата на Трамп се дистанцира од групата посочувајќи на несразмерната воена помош која САД ѝ ја даваат на Украина почнувајќи од 2014 година во однос на европските партнери, и врши притисок врз двете страни да се договорат за прекин на огнот и да се стави крај на западната изолација на Русија.

На состанокот Германија вети помош која го вклучува одбранбениот систем „IRIS-Т“ со околу 300 проектили, а Британија заедно со Норвешка ќе финансира радарски системи, противтенковски мини и стотици илјади беспилотни летала.

Ситемот „IRIS-T“, како што тврдат од Берлин, се користи за заштита на населени места, згради и објекти. Може да се користи во борба против беспилотни летала, авиони, хеликоптери и крстосувачки ракети, на оддалеченост до 40 километри и на надморска височина до 20 километри. Со оглед на високата прецизност на пресретнувањето, тој досега имаше клучна улога во стратегијата за воздушна одбрана на Украина.

Меѓутоа, во четвртокот беше објавен интерен извештај на германското Министество за надворешни работи и на војската Бундесверот кој го објави истражувачкиот тим на јавните радиодифузери WDR и NDR и дневниот весник Sueddeutsche Zeitung во кој се наведува дека многуфалениот систем за противвоздушна одбрана „IRIS-T“, е критикуван дека е „прескап“, како и понапредниот американски систем „Patriot“ од кој повеќе единици Германија ѝ испорача на Украина, кој во извештајот е опишан како „одличен систем за противвоздушна одбрана“, но возилата на кои е инсталиран овој систем се „премногу стари и тешко се наоѓаат делови за нив“.

И тенковите „Leopard I“ и „Leopard II“ се критикувани поради комплицираното одржување и слабата оклопеност, што е особено случај со тенкот „Leopard I“. „Оклопната хаубица 2000 е технички чувствителна до тој степен што често се доведува во прашање нејзинта борбена употребливост“, се коментира во интерниот документ на Бундесверот и Министерството за надворешни работи.

Тешкото вооружување испратено од Германија во Украина често е неупотребливо во борбите и е подложно на дефекти, се заклучува во интерниот извештај.