Во Кисела Вода „City and me” – паметна, еколошка и граѓански ориентирана платформа!

Со официјална промоција, денес во Општина Кисела Вода беше лансиран иновативниот проект „City and Me“ – дигитална платформа која веќе брои над 30.000 корисници низ Балканот и која првпат се имплементира во една македонска општина. Апликацијата, развиена преку соработка помеѓу Општина Кисела Вода, платформата „City and Me“ и партнерот „Стартап Македонија“, претставува мост меѓу граѓаните и институциите, создавајќи една поинаква слика на урбано живеење – попаметно, поодговорно и поеколошко.

Таа ги наградува жителите за секој чекор што го прават за подобрување на својата околина – од пешачење, возење велосипед, до пријавување локални проблеми, учество во дигитални анкети и гласања, како и други форми на локален активизам. За секоја ваква активност, корисниците добиваат City&Me токени, кои потоа можат да ги искористат во локални партнерски бизниси – за попусти или бесплатни производи и услуги. Моментално, меѓу партнерите се вклучени Киноверзум, повеќе кафулиња, ресторани, и други локални деловни субјекти кои ја поддржуваат идејата за еколошки и општествено одговорна општина. Покрај тоа, првите граѓани кои ја инсталираа апликацијата добија подароци – City&Me маички со пораката и дополнителни токени како мотивација за натамошна активност. Со лансирањето на оваа апликација, Кисела Вода создава мрежа на Зелени херои – активни граѓани кои преку секојдневни добри дела ќе придонесуваат за поквалитетен живот. Од собирање отпадоци и садење дрвја, до дигитално учество во креирањето локални решенија – секој граѓанин станува двигател на позитивни промени.

-Горди сме што Кисела Вода е првата општина во Македонија што ја имплементира иновативната мобилна апликација City and Me, развиена во партнерство со нашата општина, платформата City and Me и Startup Македонија. Оваа апликација овозможува граѓаните да учествуваат активно во подобрување на средината преку пешачење, возење на велосипед, пријавување проблеми и гласање за локални решенија – и за сето тоа да добиваат токени кои можат да ги користат за конкретни награди, како билети, кафе, садници и многу други бенефити кај нашите партнери во овој проект. Меѓу партнерите, во моментов, се вклучени Киноверзум, повеќе кафулиња, ресторани, и други локални деловни субјекти кои ја поддржуваат идејата за еколошки и општествено одговорна општина. Преку апликацијата ја зајакнуваме врската меѓу општината и граѓаните – секој глас се брои, секое позитивно однесување се наградува. Првите граѓани што ја инсталираа апликацијата веќе добија токени и промотивни маички – и тие се првите „зелени херои“ на нашата општина. Како дел од овој процес, заеднички ја потпишавме и Декларацијата за зелени промени – со што потврдуваме дека сакаме чиста, паметна и одржлива општина. Искрено им се заблагодарувам на тимот што ја создаде апликацијата, на Startup Македонија за партнерството, како и на сите општествено одговорни компании кои се приклучија на оваа иницијатива. Најголема благодарност упатувам до нашите граѓани – кои со своето учество покажуваат дека Кисела Вода е подготвена за еден нов, поодговорен и поврзан начин на живеење, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Апликацијата ја претстави Бранко Крсмановиќ, извршен директор на City and Me кој говореше за нејзиното создавање и како таа функционира кај корисниците ширум Балканот.

-City and me се роди од верувањето дека градот не треба да биде бирократска структура, туку заедница на луѓе кои се слушаат, меѓусебно си помагаат и ја менуваат својата средина на подобро. Преку оваа платформа, граѓаните на Кисела Вода повеќе не се само корисници на услуги – тие стануваат активни учесници, иницијатори на идеи, чувари на околината, новинари на сопствените улици, херои на нивните маала. Му благодарам на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски што ја препозна визијата и имаше храброст да биде Кисела Вода да биде првата општина во Македонија што ќе ја спроведе апликацијата City and me. Ова зборува за отвореност, одговорност и подготвеност да се слуша гласот на граѓаните-истакна Крсмановиќ.

Пред присутните во салата на „Киноверзум”, говореше и Игор Маџов, Претседател на бордот на Стартап Македонија и Инвестициски Директор на Нест груп, кој е поддржувач и партнер во овој проект.

-Секогаш кога ќе се спојат луѓе со идеи и луѓе со волја и малку технологија – се раѓаат решенија. City&Me е токму таков пример. По 100.000 корисници во Србија Словенија и Црна Гора, денес Кисела Вода станува првата дигитализирана зелена општина во Македонија која ќе го поттикне активното граѓанство Но активното граѓанство не значи само да рециклираме, да чуваме паркови или да се пожалиме на апликација. Тоа значи да почнеме од себе – да бидеме здрави, продуктивни, свесни и ангажирани. А доколку го правиме сето тоа зошто да не бидеме наградени да засадиме дрво или да ги подржиме иницијативите кои прават подобро место за живеење на нашите деца, додаде Маџов.

Апликацијата е достапна на следниот линк: https://linktr.ee/cityandme.mk