
Американскиот претседател Доналд Трамп беше подложен на првиот физички преглед во неговиот втор мандат во петокот, а Белата куќа ќе ги објави целосните резултати од тој преглед што е можно поскоро, рече портпаролката Каролина Левит.
Трамп во јуни полни 79 години, а во јануари, кога го презеде претседателството на САД, стана најстариот што го направил тоа.
Тој помина неколку часа на преглед од лекарите во морнаричкиот медицински центар „Волтер Рид“, а претходно оваа седмица, во понеделникот, на платформата Truth Social, објавувајќи го планираниот преглед, напиша дека никогаш не се чувствувал подобро но дека „овие работи мора да се направат!“.
Портпаролката Левит рече дека Трамп „минува низ многу тестови, сликања“ и дека тоа е „годишен преглед, така што многу нешта се потребни“, додавајќи дека немало потреба да прими општа анестезија како дел од прегледите.
Прегледот, исто така, може да го понуди првиот јасен увид во состојбата на Трамп откако куршум му го закачи увото при атентатот за време на предизборниот митинг во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија, минатиот јули.
Белата куќа обично одредува какви информации ќе бидат објавени врз основа на лекарскиот преглед на претседателот, а и Трамп како и неговите претходници не е принуден да објавува никакви информации.
За време на претседателската кампања, тој објави само ограничени информации за неговата здравствена состојба и повлече „остри контрасти“ со неговиот претходник Џо Бајден, кој сега има 82 години, а кој често се наоѓаше во непријатни ситуации на јавни настани, губејќи ориентација, чести сомнувања, зборувајќи со одамна умрени лица и други гафови кои укажуваа на неговите тешко нарушени когнитивни способности поради што и Демократската партија го присили да се повлече од претседателската трка.
Лекарот од Белата куќа во 2018 година, кога Трамп го отслужуваше својот прв мандат, рече дека претседателот е генерално во одлична здравствена состојба, но дека треба да изгуби тежина и да почне да вежба секојдневно.