
Експлозија се случи пред канцеларијата на грчките железнички оператор „Hellenic Train“ во Атина, соопшти во петокот вечерта грчката полиција, додавајќи дека засега нема извештаи за жртви.
Полицијата го блокираше пристапот до областа откако два грчки медиума добија телфонска дојава дека ќе се случи експлозија во рок од 35 минути, соопштија полициски претставници. Предупредувањето било поставено и до веб-страницата на компанијата.
Полицијата веднаш пристапила кон блокирање на просторот, бидејќи, според информациите, во близина на зградата бил пронајден сомнителен ранец со катанец, кој бил на поставен на скутер без регистарски таблички.
Зградата била навремено евакуирана. „Hellenic Train“ е дел од италијанската компанија „Ferrovie dello Stato“.
До доцна во петокот вечерта, сообраќајот на возила беше во прекин од областа на експлозијата во атинскиот кварт Сигру.
Претставник на полицијата рече дека причината најверојатно била рачно изработена бомба. Сѐ уште никој не ја презел одговорноста, а истрагата е во тек.
Медиумите потсетуваат дека во 2023 година во Грција се случи железничка несреќа, најлошата во земјата, при што загинаа 57 лица, главно студенти. Многу Грци ја гледаат несреќата како симбол на запоставувањето на железницата во земјата во последните децении, како и неуспехот на државата да ги реши безбедносните проблеми.
Несреќата предизвика гневни протести, дополнително поттикнати од недостигот на доверба во институциите.