
НАТО е загрижен дека Русија наскоро би можела да распореди нуклеарно оружје во вселената, се вели во извештајот објавен во саботата во германскиот весник Welt am Sonntag.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави за весникот дека НАТО е свесен дека Русија размислува да постави нуклеарно оружје во вселената. Тој ги нарече сегашните можности на Москва во вселената „застарени и неспоредливи“ со оние на Западот.
Затоа, вели Руте, развојот на нуклеарно оружје во вселената може да ѝ овозможи на Русија да ги подобри своите способности, што според него е главен извор на загриженост.
Таканареченото антисателитско оружје не е насочено кон Земјата туку кон сателити, но нивното уништување може да предизвика хаос на планетата, бидејќи од нив зависи функционирањето на многу системи, шпекулира германската новинска агенција dpa.
Руте предупредува на потенцијално кршење на Договорот за вселената од 1967 година, кој ги обврзува земјите потписнички на мирна употреба на вселената. Договорот е ратификуван од повеќето земји, вклучувајќи ги САД и Русија.
Генералниот секретар на НАТО вели дека последните години конкуренцијата во вселената станала значително поинтензивна и дека тамошната средина никогаш не била толку преполна, опасна и непредвидлива.
„Ова не се однесува само на комерцијалната област, туку влијае и на одбраната, а со тоа и на безбедноста воопшто“, додава Руте.
Рускиот претседател Владимир Путин во февраури 2024 година изјави дека Москва е „категорично против“ распоредување нуклеарно оружје во вселената, по обвинувањата на Вашингтон дека има планови за развој на такво антисателитско оружје.
Белата куќа една седмица пред оваа изјава на Путин потврди дека претставници на американските разузнавачки служби наводно имаат информации кои укажуваат на тоа дека Русија стекнала способност за ново антисателитско оружје, иако оцени дека таквото оружје сè уште не е оперативно. Американскиот претседател Џо Бајден во петокот рече дека „нема докази дека донеле одлука да направат нешто во вселената“ и повтори дека нема непосредна опасност за луѓето.
Администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп во неговиот прв мандат во 2019 година најави план за создавање нови „вселенски сили“ како шести род на американската војска до текот на следната година.
Агенцијата Reuters во летото 2020 година цитирајќи четворица дипломати, објави дека НАТО ќе настојува и официјално да ја прогласи вселената како подрачје на војување, делумно и за да му се покаже на американскиот претседател Доналд Трамп дека Алијансата се прилагодува на новите закани, откако тој го потпиша планот за формирање нов род во американската армија – вселенските сили. Со таа одлуката која се разгледуваше истата година на самитот во Лондон се признаваше дека битките повеќе не мора да се водат само на копно, во воздух и на вода, како и во сајбер-просторот, туку и во космосот.
Претходно во 2019 година во западните медиуми беше објавено дека НАТО ги проширува своите операции во вселената, како петта оперативна зона, по копното, морето, воздухот и од неодамна и сајбер-просторот.
НАТО во 2021 година одлучи дека клаузулата за заемна одбрана според член 5 се применува и за напади од и во вселената. Во членот 5 се вели дека вооружен напад врз една или повеќе земји-членки на НАТО се смета за напад врз сите. Клаузулата за заемна одбрана е активирана само еднаш, кога алијансата ги поддржа САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година.