Виткоф и Арагчи кусо разговарале по индиректните американско-ирански разговори

САД и Иран позитивно ги оценија денешните индиректни нуклеарни преговори со посредство на Оман, по што американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи имале кус директен разговор.

„Специјалниот пратеник Виткоф му нагласи на Арагчи дека му е наложено од претседателот Трамп да најде решение за разликите меѓу нашите две нации преку дијалог и дипломатија, доколку е можно“, се вели во соопштението на Белата куќа во саботата.

„Овие прашања се многу комплицирани, а денешната директна комуникација на специјалниот пратеник Виткоф беше чекор нанапред во постигнувањето на заемно корисен исход“, нагласи Белата куќа.

Нуклеарните разговори меѓу Иран и САД, одржани за да се запре ескалацијата на иранската нуклеарна програма, траеја во саботата нешто повеќе од два часа.

Разговорите во Мускат, главниот град на Оман, се одржаа во засебни простории со официјални лица од Оман кои им пренесуваа пораки на иранската и американската делегација.

Иранската државна телевизија објави дека Виткоф и Арагчи на крајот на разговорите „разговарале накусо“ во присуство на министерот за надворешни работи на Оман.

Се очекува преговорите да продолжат следната сабота, 19 април.

Арагчи рече дека Иран и САД се „многу блиску“ до договор за содржината на идните преговори.

„За време на денешниот состанок, мислам дека дојдовме доста блиску до основата за преговори“, изјави иранскиот министер за надворешни работи за државната телевизија. „Ако можеме да го финализираме ова на следниот состанок, ќе имаме поминато долг пат“, додаде тој, пренесе AFP.

Трамп во март предложи преговори со Иран за нов нуклеарен договор, предупредувајќи за воена акција доколку Техеран не се согласи да ја ограничи својата контроверзна нуклеарна програма. По неколкудневно размислување, Техеран конечно го прифати дијалогот, делумно со надеж дека ќе ги укине разорните американски санкции кои се клучен фактор во тековните економски проблеми на Иран.

Трамп за време на неговиот мандат во 2018 година еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и шесте светски сили за ограничување и меѓнароден надзор на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на децениските меѓународни санкции. Но САД ги вратија санкциите на кои се придржуваат и европските сојузници а Иран ги суспендираше неговите обврски од договорот, особено во однос на количеството и степенот на збогатениот ураниум. Израел тврди дека Иран стасал до нивото на збогатување на ураниум што ќе му овозможи многу брзо да дојде до нуклеарно оружје.