
По ретко забележаните осцилации на цените на акциите, берзанските индекси на Волстрит силно пораснаа минатата седмица, и покрај ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина, додека паднаа акциите на европските берзи.
На Волстрит, индексот Dow Jones минатата седмица порасна за 4,95 отсто, на 40.212 поени, додека S&P 500 скокна за 5,7 отсто, на 5.363 поени, а индексот Nasdaq скокна за 7,3 отсто, на 16.724 поени.
На почетокот од седмицата, овие индекси останаа под притисок поради драстичните царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април и кои една седмица претходно предизвикаа цените на акциите да забележат најголем седмичен пад од кризата со коронавирусот во 2020 година.
Но, имаше пресврт во средата, кога Трамп неочекувано на 90 дена го одложи применувањето на дополнителните реципрочни царини за сите земји освен Кина.
На Волстрит тој ден владееше еуфорија, при што S&P 500 индексот скокна за 9,5 отсто, што е негов трет најголем дневен скок од Втората светска војна. Индексот Nasdaq, пак, го забележа вториот најголем скок во својата историја, за повеќе од 12 отсто.
Благодарение на ова, индексите ја завршија седмицата во плус. Сепак, тие сè уште се во загуба во однос на почетокот на април, кога Трамп ги објави тарифите.
Откако Трамп го одложи спроведувањето на реципрочните царини, многу земји сигнализираа дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите, Европската унија, која исто така ги одложи своите контрамерки на царините на Трамп.
Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува, бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царина за увозот на кинески стоки на 145 проценти. Кина, пак, ги зголеми царините за увоз на американски стоки на вкупно 125 отсто.
Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.
„Тешко е за инвеститорите да донесат одлука да купат акции со ваква нестабилност и неизвесност. Тие се загрижени за тарифите бидејќи е тешко да се процени како тие ќе влијаат на економиите“, вели Пол Нолте, аналитичар во компанијата „Murphy & Sylvest“.
Додека цените на акциите пораснаа на Волстрит минатата седмица, тие паднаа на повеќето други светски берзи.
Истото важи и за најголемите европски берзи. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,1 отсто, на 7.964 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,3 отсто, на 20.374 поени, а париски CAC 2,3 отсто, на 7.104 поени.