Скандал во Италија, 13 играчи под истрага за нелегално обложување

Италијанскиот фудбал го тресе нов скандал, откако државното правобранителство на Милано покрена истрага против 13 сегашни и поранешни играчи во Серија А поради сомнение за нелегално обложување.

Тоа е продолжение на скандалот што го потресе италијанскиот фудбал во октомври 2023 година, кога беше откриено дека тогашниот играч од средниот ред на Милан, Сандро Тонали и тогашниот играч од средниот ред на Јувентус, Николо Фаџоли, нелегално се обложувале.

Тонали беше суспендиран на 10 месеци, а Фаџоли беше суспендиран седум месеци од фудбалот. Двајцата го сменија клубот и се вратија на натпреварите, Тонали сега е член на Њукасл Јунајтед, додека Фаџоли моментално е во Фиорентина.

Фаџоли наводно акумулирал повеќе од 500.000 евра во коцкарски долгови, а 31 лице, вклучително и некои поранешни соиграчи, му помогнале да ја покрие таа сума.

Но, полицијата пронашла нови докази со пребарување на нивните мобилни телефони, па сега во истрагата се вклучени дури 13 сегашни и поранешни играчи во Серија А.

Сигурно најпознат меѓу нив е аргентинскиот репрезентативец Анхел Ди Марија, кој тогаш настапуваше за Јувентус а моментално е член на Бенфика.

На листата е и неговиот сонародник и играч од средниот ред на Рома, Леонардо Паредес, како и играчот од средниот ред на Јувентус, Американецот Вестон Меккени, како и Италијанците Алесандро Флоренци од Милан, Матиа Перин од Јувентус, Николо Заниоло тогаш член на рома а сега на Фиорентина, Раул Беланова поранешен играч на Торино сега на Аталанта, Семуеле Ричи тогаш член на Емполи а сега на Торино…

Италијанските медиуми пренесуваат дека ниту еден од играчите не е обвинет за местење или обложување на натпревари на кои учествувале. Помеѓу декември 2021 и октомври 2023 година, тие се обложувале на други спортови и играле онлајн покер преку нелегални платформи.

Наводно, биле запленети 1,5 милиони евра, а системот функционирал преку тројца вработени во златарница во Милано која служела како фронт. Фудбалерите платиле за луксузни часовници преку банкарски трансфери а всушност ништо не поседувале, а парите останале кај обложувалниците.

Тонали и Фаџоли повторно се под истрага за рекламирање на овие платформи меѓу фудбалерите. “За возврат добивале бонуси или им биле намалени долговите кон обложувалниците“, пишуваат италијанските медиуми.

Италијанската новинска агенција ANSA пренесува дека од „казнена гледна точка“ фудбалерите се соочуваат со минимален ризик и можат да ја решат работата со плаќање парична казна. Сепак, тие се соочуваат со „спортски казни и можни суспензии“.