Таткото на Вања испратил смс-порака до киднаперите: Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме

„Цитроенот“ возел полека, како изгубен и без крајна дестинација за разлика од другите возила кои во критичниот период на 27 ноември 2023 година поминувале пред зградата на Вања, на улицата Наум Наумовски Борче, рече Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, кој денеска одговараше на прашања на судијата Ивица Стефановски.

Ѓорчевски и Гоце Трајковски започнале со прибирање снимки од безбедносни камери на 29 ноември, кажа денеска Ѓорчевски на рочиштето за убиствата на неговата ќерка и Панче Жежовски одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски за улогата на неговиот кумашин во потрагата по Вања.

– Обезбедив камери од кафулето „Синдикат“ кои се свртени кон зградата. Газдата веднаш ми ги прати снимките. Зорица обезбеди камери и од бензиската „Окта“ на „Партизанска“. Добивме и од штедилницата „Папилон“ спроти Буњаковец, објасни Александар.

Судијата го допраша и како сфатиле дека Вања не отишла пешки до „Фитнес хаус“.

– Јасно е дека не можела толку брзо да стигне од „Мечос“ до таму според сигналот што го емитува нејзиниот телефон преку „гугл мапс“, одговори Ѓорчевски.

Изјави дека попладнето по исчезнувањето на неговата ќерка и испратил две СМС пораки.

– Првата порака гласеше: „Сѐ што ќе побарате, сѐ ќе направиме“. Подоцна ми текна да додадам уште една порака, која гласеше: „Од родителите“. Со надеж дека ќе го вклучат мобилниот телефон на Вања и пораките веднаш ќе им се појават – рече Ѓорчевски.