Трамп планира одвоени царини за изземената електроника, вели министерот за трговија

Американскиот министер за трговија Хауард Лутник во неделата изјави дека паметните телефони, компјутерите и другата електроника ослободена од високите царини за увозот од Кина ќе се соочат со посебни нови царини заедно со полупроводниците што ќе ги објави администрацијата на претседателот Доналд Трамп во следните два месеца.

Изјавите на Лутник во емисијата „This Week“ на телевизиската мрежа ABC News, во која тој најави нови царини за клучните технолошки производи, го означуваат последниот пресврт во царинските планови на претседателот Доналд Трамп кои го нарушија глобалниот трговски поредок откако беа објавени на, како што рече, „Денот на ослободувањето“ на 2 април.

Администрацијата на Трамп во петокот гарантираше изземање од острите реципрочни царини за паметни телефони и други електронски производи, потег особено важен за технолошките компании како „Apple“ и „Dell Technologies“ кои се потпираат на увозот од Кина.

Тековните царински промени на Трамп предизвикаа трговска војна со Кина и ги поттикнаа најголемите промени на Волстрит од пандемијата на ковид во 2020 година. Референтниот индекс 500 на агенијата „Standard&Poor’s“ падна за повеќе од 10 отсто откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари.

Лутник рече дека Трамп ќе воведе „посебен вид царини“ за паметните телефони, компјутерите и другата електроника за месец или два, заедно со секторските царини насочени кон полупроводниците и фармацевтските производи. Рече и дека новите давачки ќе бидат одвоени од таканаречените реципрочни царини, според кои царините за кинескиот увоз се зголемија за дополнителн 125 отсто оваа седмица, или за 145 отсто вкупно.

„Тој вели дека тие се ослободени од реципрочните царини, но тие се вклучени во царините за полупроводници, кои доаѓаат за месец или два“, изјави Лутник за ABC News, предвидувајќи дека тоа ќе предизвика производството на овие производи да се пресели во САД.

„Овие работи се од доменот на националната безбедност, па мораме да се погрижиме да се произведени во Америка“, рече министерот за трговија. Лутник кажа повеќе со изјавата отколку што беше откриено во саботата, кога Белата куќа соопшти за медиумите дека Трамп ќе започне нова истрага за полупроводниците, што може да доведе до нови царини.

Пекинг возврати во петокот со зголемување на царините за американскиот увоз на вкупни 125 отсто. Кина во неделата соопшти дека го проценува влијанието на царинските ослободувања за технолошките производи што беа воведени подоцна во петокот.

„Ѕвончето на вратот на тигарот може да го одврзе само тој што го врзал“, соопшти кинеското Министерство за трговија.