Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип на врвот на SCIMAGO рангирањето во Македонија

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ (УГД) како четврти државен универзитет основан во Република Македонија (по најстариот и прв државен универзитет „Свети Кирил и Методиј-Скопје, втор е Универзитетот „Свети Климент Охридски“-Битола, и трет е Универзитетот Тетово-во Тетово), со само осумнаесетгодишен образовен раст и развој, како јавна високообразовна институција, лоциран во источниот дел на Република Македонија, универзитетот е растечка и динамична институција посветена на зголемување на пристапот до образование, иновации и обезбедување социјална благосостојба за сите.

Како што сум пишувал, останува само да повторам: Водилката на Универзитетот е мислата на апостолот, учителот на македонскиот непокор Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“. Што го применува и практикува овој Универзитет.

Која е основната мисија на УГД-Штип?

Во разговор со ректорот, професор д-р Дејан Мираковски, како и професори на УГД, нивните искази се дека: „Основната мисија на универзитетот е квалитетна настава, истражување, јавна служба и најважно од сѐ студентот во центарот на вниманието со индивидуален пристап кон секој студент… па, тука се истакнува и креативната иновативност, тежнеење кон нови откритија, трансферот на знаење за обезбедување социјална и економска благосостојба и напредок на општеството се главните белези на УГД… и додаваат дека: „Универзитетот ’Гоце Делчев’, постојано настојува и поттикнува на слободоумност, разбирање, споредба и ексклузивност меѓу поединците и групите преку промоција на знаењето како вредност како и уметноста, културата и спортот кои се во центарот на нашите активности“.

Scimago institutions Ranking (SIR)

Според SIR за 2025 година, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, е највисоко рангирана високообразовна институција во Македонија, односно се наоѓа на првото место од вкупно три рангирани универзитети.

Вкупниот ранг на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, на национално ниво е во најдобриот прв квартал (Q1). Во Регионот на Источна Европа и Русија, штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ се наоѓа на 192 место од вкупно 476 рангирани универзитети.

Што преставува Scimago institutions Ranking (SIR)

Scimago institutions Ranking (SIR) е меѓународно признаен систем на рангирање кој ги оценува истражувачките резултати и влијанието на универзитетите и истражувачките институции ширум светот. Рангирањето се врши според композитен индикатор кој комбинира три различни сета на индикатори засновани на  истражувачките резултати (50%), иновациските резултати (30%) и општественото влијание (20%), а се заснова на анализа во период од пет години.

Се рангираат само институциите кои имаат одреден минимум на научна продукција, односно најмалку 100 публикации индексирани во Scopus во последната година.

Извор на податоци се публикациите и цитатите на авторите кои публикувале со афилијација на институцијата во Scopus, како и базите на податоци: PATSTAT, PLumX и Overton за проценка на иновациите, веб-видливоста, отворениот пристап и општествениот импакт.

Индикаторите се конципирани така што некои зависат, а некои не зависат од големината на институцијата, овозможувајќи памноправни споредби меѓу институциите со различна големина.

Значењето на високото рангирање на УГД-Штип

Ова рангирање што преставува значаен напредок за Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, не ме изненадува, пратејќи ги веќе неколку години континуираниот раст во академските и истражувачките активности УГД со низа мерки го подржува зголемувањето на бројот на трудови објавени во престижни научни списанија, соработката со компании и институции во различни научни области, како и учеството во проекти и иницијативи на европско и глобално ниво.

Што добиваат студентите на УГД-Штип

Со ова, студентите на УГД добиваат можност да бидат дел од универзитет кој активно се развива и стекнува поголема меѓународна видливост. Подобрувањето на научниот кредибилитет може да значи поголеми шанси за соработка со странски универзитети, подобри можности за вработување по завршувањето на студиите и истражувачки проекти и практики.

Прв дигитализиран универзитет во Македонија        

Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, во својот состав интегрира 12 (дванаесет) факултети, 3 (три) академии и 1 (една) придружна членка.

Ако се  погледнат бројките низ статистика во изминатите 18 (осумнаесет) години, ќе се види дека од постоењето на Универзитетот над 30.000 (триесет илјади) студенти ја препознале својата иднина на овој универзитет. Универзитетот брои над 7.777 (седум илјади седумстотини седумдесет и седум) активни студенти од кои над 600 (шестотини) се странски студенти кои студираат на македонски јазик, по претходно поминат курс за изучување на македонскиот јазик. На овој начин меѓу другото се врши и промоција, афирмација и издигнување на македонскиот јазик на интернационално ниво.

Универзитетот е активен учесник во Еразмус програмите за мобилност, па поради тоа е институција домаќин на повеќе од 50 (педесет) студенти од странство на ниво на семестар.

Студиски програми

Универзитетот „Гоце Делчев“–Штип, во своето работење инкорпорира повеќе од 70 (седумдесет) активни студиски програми на прв циклус на студии и интегрирани прв и втор циклус на студии, потоа околу 80 (осумдесет) мастер, магистерски и специјалистички студии и има 11 (единаесет) акредитирани докторски студии како и 15 (петнаесет) докторски студии кои се во фаза на акредитација.

Студиски програми на англиски јазик

Универзитетот има акредитирано и атрактивни студиски програми од прв и втор циклус на студии на англиски јазик од кои би ги издвоиле: Општа медицина на англиски за прв циклус на студии, Радиофармација на втор циклус на студии, меѓународно право и меѓународни односи на прв циклус на студии, џез гитара, џез труба, џез саксофон, џез пијано како и современ танц на прв циклус на студии сите на англиски јазик.

Користење на Microsoft платформи за работа

За своето успешно работење, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, активно ги користи скоро сите Microsoft платформи за работа и представува дигитализиран универзитет во скоро 90 проценти од своето работење. Во декември 2019 година, Универзитетот започнува со експериментална примена на алатките за учење на далечина, а веќе во март 2020 година, повеќе од 4.400 студенти и 360 професори и предавачи успешно ги користат сите алатки на Microsoft 365 за пристап, предавања, споделување на научни материјали и материјали за предавања со студентите. За време на Ковид пандемијата Универзитетот „Гоце Делчев“–Штип, без никаков проблем како прв универзитет во Република Македонија, преминува на целосна реализација на наставата преку учење на далечина користејќи ги услугите на Microsoft Teams, за што добива признание и од самата компанија Microsoft, издвојувајќи го овој универзитет како една успешна приказна за дигитализација и прилагодување на образовниот процес на ситуацијата во која се најде целиот свет во овој период. Според статистиката што ја поседува Microsoft, во периодот на пандемијата универзитетот има реализирано околу 100.000 часови – аудио инструкции, 50.000 часа видео инструкции и 11.000 online предавања.

Практична примена на дигитализацијата na УГД-Штип

Како пишувач на овие редови лично се уверив во поглед на примената на дигитализацијата, што го нема на другите универзитети во Македонија.

Имено, Универзитетот целосно го имплементира електронскиот индекс за студентите, електронско оценување и целосна електронска административна поддршка за студентите која овозможува електронско плаќање, електронско пријавување на испити, електронска заверка на семестар преку која се избегнуваат досега познатите потешкотии на студентите низ универзитетите во државата со административните служби. На овој начин, физичкото присуство на студентот на шалтерите на универзитетот се сведува на минимално ниво.

Што има УГД, а го немаат другите Универзитети во Македонија?

Универзитетот Гоце Делчев – Штип (УГД), располага со електронска библиотека како online ресурс, со што студентите на овој универзитет немаат потреба од користење на традиционалните печатени учебници, туку истите бесплатно ги добиваат преку електронската библиотека која брои преку 974 (деветстотини седумдесет и четири) бесплатни електронски изданија, кои студентите бесплатно ги преземаат.

Според последната статистика, направена во јануари 2023 година, направени се 448.819 бесплатни преземања на материјали од електронската библиотека.

Интернационализација на Универзитетот

Покрај дигитализацијата како особено значаен процес, Универзитетот Гоце Делчев–Штип, посебно внимание посветува и на интернационализацијата на универзитетот и меѓународната соработка, како особено значајна алка во работењето за што има усвоено и посебна стратегија. Преку склучување на меморандуми и договори за соработка со партнер институции покрај интернационализацијата на самиот универзитет допринесува и за препознатливост и презентација на државата воопшто. Во изминатиов период универзитетот има склучено повеќе од 400 (четиристотини) Интер институционални договори за соработка, на национално и меѓународно ниво.

Кои се интернационалните проекти

Истражувачките групи на универзитетот работат на бројни интернационални проекти од областа на заштита на животната средина, аерозагадувањето, искористување на минералните суровини, производството на храна, здравството, правото и политиката, информатиката, економијата како и развој на квалитетот на вестите и независното новинарство, главно поддржани од страна на Европската Унија и меѓународни донатори. Проектите како CARBONICA RIS-CuRE или ТАР (Проектот за справување со аерозагадувањето во урбаните зони), се авангарда во научното истражување на национално па дури и регионално ниво и овозможуваат нови решенија за проблемите со отпадот, справување со климатските промени и идентификација на изворите на аерозагадување во нашите градови.

Универзитетот членува во повеќе интернационални асоцијации како што се: European University Association (Европска универзитетска асоцијација), EURAS (Евроазиска универзитетска унија, UniAdrion, Magna Carta Universitatum и многу други.

Како заклучок

Имајќи, го во предвид сето досега кажано, Универзитетот „Гоце Делчев“–Штип, гордо го продолжува патот на градење на еден успешен универзитетски развој и со право е рангиран на високо ниво во Република Македонија, како и во странство, чекорејќи по патот на апостолот, учителот на македонскиот непокор Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Ова треба да биде мотив и за другите македонски универзитети!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес