Евролига: Париз во четвртфиналето, Реал против Баерн за последното место во плејофот

Кошаркарите на Париз се седмиот учесник во четвртфиналето на овосезонскиот плејоф на Евролигата благодарение на победата на гости против Реал Мадрид со 81:73 во првиот натпревар од „плеј-инот“.

Одличен во тимот на Париз уште еднаш повремениот македонски репрезентативец ТиЏеј Шортс со 23 поени, а Надир Хифи додаде 15. За Реал, Факундо Кампацо постигна 17 поени.

Париз во четвртфиналето ќе игра против Фенербахче, кој го освои второто место во лигашкиот дел од натпреварувањето, додека Реал има уште една шанса да влезе во плејофот, бидејќи в петок ќе игра против Баерн за осмото место и дуел со Олимпијакос.

Имено, во вториот плеј-ин натпревар одигран во Минхен, Баерн по продолжението ја совлада Црвена ѕвезда со 97:93. Девин Букер со 21 и Карсен Едвардс со 17 поени го предводеа Баерн. Филип Петрушев со 30 и Никола Калиниќ со 20 поени беа најдобри кај Црвена ѕвезда, која по третиот изгубен натпревар во низа во последните секунди се прости од Евролигата.

Веќе е познато дека првите две четвртфинални двојки се Панатинаикос – Анадолу Ефес и Монако – Барселона.

Следната седмица започнува четвртфиналната серија, а на завршниот турнир во Абу Даби, кој ќе се игра од 23 до 25 мај, ќе се пласираат првите екипи кои ќе стасаат до три победи.