Израел им се заканува на Хутистите и на Иран, Техеран најави противудар во случај на напад

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети одмазда против пипадниците на јеменското шиитско движење Хутисти во Јемен и Иран во неделата откако ракета ја погоди областа на аеродромот Бен Гурион во близина на Тел Авив, додека Техеран најави противудар во случај на напад од САД или Израел.

Одговорноста за нападот врз аеродромот „Бен Гурион“ ја презедоа хутистите, шиитски бунтовници поддржани од Иран кои својот подем пред речиси 15 години во Јемен го започнаа поради попустливоста на тамошната влада во однос на Ал Каеда која тогаш зазема големи пространства од најсиромашната земја во Персискиот залив и оттогаш во сојуз со делови од јеменската армија контролираат големи делови од Јемен.

„Го погодивме аеродромот ‘Бен Гурион’ со хиперсонична балистичка ракета која успешно ја погоди целта“, објави вооружената хутистичка групација Ансар Алах, кои редовно лансираат ракети кон Израел во знак на поддршка на Палестинците во појасот Газа.

„Нападите на Хутистите доаѓаат од Иран. Израел ќе одговори на (овој) напад на Хутите… И во време што му одговара и на место што ние ќе го избереме, против нивните ирански терористички господари“, рече Нетанјаху, кој најави состанок на кабинетот за безбедност за неделата доцна ноќта.

„Дејствувавме против нив во минатото и ќе дејствуваме и во иднина… тоа нема да се случи во еден ‘бум’, туку ќе ги има многу“, рече Нетанјаху.

Ова е првпат ракета директно да погоди област во рамките на периметарот на аеродромот, изјави за AFP портпарол на израелската војска.

 

Иран: Ќе возвратиме доколку Израел или САД нападнат

Иранскиот министер за одбрана Азиз Насирзаде во неделата изјави дека Техеран ќе возврати доколку има напад од САД или Израел врз Иран, одговарајќи на ветувањето на Нетанјаху за возвратна акција против Иран.

„Доколку оваа војна ја иницираат САД или ционистичкиот режим, Иран ќе ги нападне нивните интереси, бази и сили – какви и да се тие и кога и да се смета за потребно“, изјави Насирзаде за иранската државна телевизија.

Насирзаде рече дека Хутистите дејствуваат според сопствените мотивации, што е и официјален став на Иран.

САД ги напаѓаат упориштата на Хутите во Јемен од 15 март, а американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе го смета Иран за одговорен за сите напади извршени од групата.

Иран не е „непријателски настроен кон соседните земји“, но во случај на напад, Техеран ќе ги смета американските бази лоцирани во регионот како цели, рече Насирзаде.

Поврзани вести