Бегалци заглавени во Идомени, на Лезбос пристигнуваат се повеќе

Зимскиот камп во Идомени, на грчката граница со Македонија, ќе остане отворен за бегалците колку што е потребно, изјавиле извори во Министерството за миграциска политика.

Кампот бил отворен вчера по наредба на заменик – министерот за миграциска политика Јанис Музалас и заменик министерот за цивилна заштита Никос Тоскас, за да им се помогне на бегалците кои се заглавени на Идомени со цел да го издржат студениот бран што ја зафати цела Грција.

„Во Идомени се блокирани стотици бегалци откако македонските власти во вторникот вечерта одлучија да ја затворат нивната граница, повикувајќи се на проблеми со српската железничка мрежа и промена на политиката за прифаќање на бегалци на други европски земји“, јавува АНА-МПА.

Кампот во Идомени, кој беше затворен на 9 декември, на бегалците им овозможува засолниште, греење, санитарни јазли, топол оброк, посебни делови за деца и медицинска нега.

Во меѓувреме, нагло пораснал и приливот на бегалци кон островот Лезбос во Егејското Море, јавуваат грчките медиуми. Во изминатите неколку дена на островот пристигнале повеќе од 20 помали бродови со над 700 бегалци и мигранти.

Портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, Борис Чеширков изјавил дека тоа е огромен број бегалци кои пристигнале замо за еден месец, и изразил загриженост што тие патуваат и во толку екстремни временски услови.

Извори за весникот „Етнос“ изјавиле дека напорите на бегалците да дојдат по секоја цена до островот Лезбос се „драматични, борејќи се со ледената вода и снежните виулици“. Истите извори рекле дека во изминатите денови имало и два инциденти во кои жена и дете починале од хипотермија.

Според податоци на полицијата, само вчера во центарот за регистрација пристигнале над 1.200 бегалци и мигранти, што е невидено голем број за лошите временски услови во регионот, пишува весникот.