
Европа нема да може да го прими секој бегалец од војните во Блискиот Исток, предупреди францускиот премиер, Мануел Валс, при тоа изразувајќи несогласување со позицијата на германската канцеларка Ангела Меркел.
– Во спротивен случај општествата ќе ни бидат целосно дестабилизирани, истакна Валс во денешното интервју за Би-Би-Си.
Тој посочи дека Европа под итно треба да преземе мерки за воспоставување на контрола на внатрешните граници.
– Ако Европа не е во состоба да ги заштити сопствените граници, самата европска идеја ќе се доведе под прашање, посочи Валс, кој учествува на Светскиот економски форум во Давос.
Францускиот премиер изрази и несогласување со ставот на Меркел, која тврди дека приемот на бегалци е хуманитарен императив.
– Изјавата „Дојдете ќе ве примиме“ води до масовни преселби. Германија се соочува со голем предизвик. Но, првата порака, што треба да ја испратам сега, со најголема цврстина, е дека нема нема да ги примиме сите бегалци во Европа, наведе Валс.