
На денешната прес-конференција во локалната самопуправа прилепскиот градоначалник Марјан Ристески нагласи дека оваа владина мерка е најискористена во Прилеп и градот е лидер во користењето грант од државата за самовработување. Во осум години ја искористиле 650 прилепчани.
Ги повикуваме прилепчани, особено младите да ги искористат средствата за сопствен бизнис. Прилеп е лидер во искористувањето на поволностите што ги нуди оваа владина мерка. Досега неповратните средства на државата за почнување сопствен бизнис ги искористиле 650 прилепчани со што го решиле и своето вработување, рече Ристески.
Вера Ристеска од Центарот за вработување која ја води оваа владина мерка, нагласи дека прилепчани се крајно заинтересирани и веќе пристигнале 150 барања за новиот циклус државни грантови од по 3.000 евра.
Прилеп е водечка општина во искористеноста на владините мерки, особено со грантови за самовработување. Досега голем интерес имаше за започнување бизнис од трговијата, услужните, браварските дејности, објасни Ристеска.
Локалните власти и Регионалната стопанска комора од Прилеп ги повикаа невработените и работодавците да ја искористат и мерката за обука и субвенционирано вработување.
Прилепскиот градоначалник Ристески потенцира дека со огласот кој трае до крајот на годинава, вработување може да најдат голем број невработени, почнувајќи ја тримесечната обука.
Мерката им одговара и на невработените и на работодавците. Имаат три месеци платена обука од по 6.200 денари, 6 месеци со платени придонеси од 14.000 денари и 5.000 денари за работодавачот по лице, кои треба да ги задржат 12 месеци и да не го намалат бројот на вработените, посочи Ристески.
Според Ристо Најдоски, извршен директор на Регионалната стопанска комора, работодавачите веќе бараат обучени кадри во одредени занимања.
Оваа мерка е поволна и за работодавачјите. На седницата на Управниот одбор на Регионалната стопанска комора е заклучено дека работодавачите бараат обучени работници од дефицитарните занимања: бравари, дреари и текстилци, рече Најдоски.