Хаос на улиците во Атина – Демонстрантите се судрија со полицијата (ВИДЕО)

Хаос на улиците во Атина - Демонстрантите се судрија со полицијата
Хаос на улиците во Атина - Демонстрантите се судрија со полицијата

Припадници на грчката полиција и група млади лица се судрија денеска во Атина за време на протестот против реформите во пензискиот систем, но засега нема информации за уапсени или повредени.

Групи маскирани демонстранти почнаа да фрлаат камења и молотови коктели кон припадниците на специјалните полициски сили, чие присуство е огромно на денешниот масовен протест против законот за намалување на пензиите и на здравствените бенефиции.

Судирите ескалираа на централниот плоштад Синтагма пред малку, кога се отвори насилна размена на молотови коктели, камења и солзавец меѓу полицијата и демонстрантите. Маскираните демонстранти фрлаат молотови коктели и кршат делови од столбовите и од скалите на плоштадот, додека полицијата одговара со шок-бомби и со солзавец во обид да ја разбие толпата.


Припадниците на полицијата проценуваат дека на денешниот масовен протест има повеќе од 50.000 штрајкувачи.

Вработените низ Грција ја прекина денеска работата во знак на протести поради реформите на пензискиот систем, а поради масовниот штрајк откажани се повеќе летови, запрен е поморскиот сообраќај јавниот превоз, училиштата се затворени, а во судовите, аптеките и државните болници работи само дежурен персонал.

Синдикатот прогласи генерален штрајк поради реформите во пензискиот систем, чие спорведување е еден од условите за третиот меѓународен пакет помош за Грција.

Левичарската Влада на премиерот Алексис Ципрас се обидува да го преструктуира пензискиот систем со зголемување на придонесите за социјална заштита, со цел да се избегне намалувањето на пензиите, но противниците на реформите укажуваат дека поради тоа многу вработени дури две третини од приходите ќе ги даваат на даноци и придонеси.

Штрајкот се одржува во време кога Владата преговара со меѓународните инспектори кои се во Грција со цел да го проверат напредокот во исполнување на обврските предвидени со пакетот помош.