Државната изборна комисија со четири од десетте предвидени институции склучила договор за преземање податоци за вкрстена проверка на податоците од Избирачкиот список. Деновиве треба да се склучат и со останатите. Потоа по протоколи треба да се преземат податоците што може да трае неколку денови, по што може да се почне со вкрстената проверка. МВР веќе ја доставило својата база на податоци, која ќе биде основа за вкрстената проверка.
– Целта и задачата на ДИК е да спроведеме избори во рамки на Уставот и законите на Република Македонија чии резултати ќе бидат признаени и прифатени од сите учесници во изборите и од граѓаните. Државната комисија како колективно тело е цврсто решена во законските рамки да ги изврши обврските и да ги примени процедурите за проверка на податоците од Избирачкиот список, а со тоа трајно да се отстранат сомнежите околу точноста на податоците во него, рече на денешната прес-конференција претседателот на ДИК Александар Чичаковски.
Додаде дека ДИК прави се да произлезе Избирачки список во кој сите ќе веруваат и оти нема да претставува кочничар на изборниот процес. Како и во секоја работа, рече тој, и во оваа постојат објективни и субјективни предизвици кои, како што наведе, се обидуваат да ги решаваат онолку брзо колку што дозволува правниот систем и колку што ги следат другите институции.
Комисијата се уште не може да излезе со став за тоа дали прочистувањето на Избирачкиот список може брзо да се заврши и изборите да се одржат на 24 април.
– Треба да започнат вкрстените проверки за да ги видиме првите индикации кои ќе ги добиеме и да видиме со колкав обем на активности би требало да преземеме во наредниот период и тогаш да имаме некои вистински индикации за да дадеме точна прогноза дали изборите можат да се одржат на 24 април, рече Чичаковски
Тој појасни дека за проверката на податоците во Избирачкиот список ќе бидат формирани три ИТ тимови кои ќе работат на исти бази на податоци и на исти тестови. Целта е, рече претседателот на ДИК, работата да се заврши побрзо и добиените податоци да можат да се споредуваат.
– Трите тима ќе почнат да работат штом ќе ги добијат податоците од другите институции. Откако ќе биде завршено вкрстувањето на податоците, доколку произлезат сомнителни податоци ќе се врши теренска проверка на податоците. Неа ќе ја вршат обучени анкетари на ДИК. Четирите најголеми политички партии треба да овластат лица како набљудувачи на теренските проверки. Се подготвува правилник за документирање и соодветно постапување по пријави од граѓани и политички партии во случај кога ќе бидат откриени грешни или несоодветни податоци за лица во Избирачкиот список, информира Чичаковски.
Додаде дека е иницирано и донесување на измени и дополнување на неколку закони со цел да се обезбеди нормативна основа за брзо и ефикасно бришење на неконзистентни записи во Избирачкиот список, а се изработува и софтвер преку кој граѓаните ќе можат да извршат проверка на Избирачкиот список врз основа на неколку податоци.
ДИК ангажирала пет ИТ консултанти, од кои четири предложени од најголемите политички партии застапени во Собранието, и еден меѓународен стручњак, кои веќе ги утврдиле техниките што ќе се користат при вкрстените проверки на статистичките анализи. Министерството за финансии привремено отстапило деловен простор на ДИК за вршење на овие проверки и анализи и во тек е нивно уредување и опремување.
– Доколку се појават спорни записи ќе се вршат теренски проверки за утврдување на фактичката состојба, потоа може да се водат управни постапки за поништување на правните акти врз основа на кои се извршени спорните записи во Избирачкиот список, ќе се водат и постапки за бришење и дополнување на Избирачкиот список кои ги води ДИК, рече Чичаковски.
Појасни дека ќе се води и постапка за издвојување на одредени категории граѓани за кои ќе се утврди спорност во однос на одреден запис во Избирачкиот список, заради намалување на можноста за злоупотреба на нивниот идентитет.