-Катица Јанева, која со договорот на четирите политички партии во септември беше избрана за специјален јавен обвинител задолжен за истражување на случаите „Пуч” и „Прислушување”, претходно била јавен обвинител во Гевгелија. На новата функција е шест месеци и за половина година купила два стана во Скопје за нејзините деца и еден автомобил. Во деталниот преглед објавен на официјалниот сајт на Државната комисија за спречување на корупцијата, наведени се промените во нејзината имотна состојба. Минатата година, очигледно откако стапи на функција, бидејќи податоците ги немаше во анкетниот лист кој беше објавен веднаш по нејзиното стапување на функција, купила два стана во Скопје, едниот од 68 м/2, а другиот од 72 м/2 и ги пријавила како имот на нејзините деца. Купила и автомобил голф 4, исто така имот на деца, кој официјално стои дека го купила во 2014, но нејасно е зошто тогаш тој автомобил го нема во првиот анкетен лист кој беше објавен непосредно по нејзиното стапување на функција, пишува ВЕЧЕР.
Во деталниот преглед на нејзиниот имотен лист е наведено дека поседува моторно возило „ровер 45“, а како имот на нејзиниот покоен сопруг стои моторно возило „хингај“, кое исто така го нема во првичниот анкетен лист. Претходно, Катица имала „рено 5 кампус“, пишува ВЕЧЕР.
Во претходниот анкетен лист стоеја две куќи на име на нејзините родители – едната од 130 м/2 во Гевгелија, вредна 100.000 евра и другата во Смоквица, вредна 5.000 евра. Во најновиот анкетен лист пак на нејзино име стои куќа од 374 м/2 вредна 100.000 евра, која, како што е наведено, ја стекнала со наследство.
-Откако стана специјален јавен обвинител, Катица си зела две кредитни картички: мастер голд со лимит од 2.500 евра, и американ експрес од Алфа банка со лимит од 3000 евра.
Во 2014 подигнала два кредити – едниот од речиси 60.000 евра, другиот од 27.000 евра, кои исто така од непознати причини ги нема во претходниот детален преглед, кој беше објавен минатата година во септември кога Катица беше избрана на функцијата специјален јавен обвинител. Минатата година, таа и нејзиниот сопруг зеле уште два кредити, едниот 30.000 евра, другиот во висина од 10.000 евра. Во најновиот анкетен лист објавен на официјалниот сајт на ДКСК, пишува дека Јанева има кредит од 660.000 денари земен во 2015 година со рок на отплата од 10 години, на име на нејзиниот брачен другар, кој инаку починал пред повеќе од две години, објавува весникот.
На нејзино име пријавила плац од 263 квадратни метри во Конско вреден 1.000 евра и наследила земјоделско земјиште од 20.000 евра.
Нејзиното именување на функцијата специјален јавен обвинител беше директен предлог на олеснувачите во преговорите. Од медиумски експонираните предмети Јанева работела на случајот на Спаска Митрова – Савиќ за право на старателство на својата ќерка во која беа вклучени и бугарската амбасада и организацијата „Радко”, па случајот доби и политички димензии. Во тој случај таа била обвинител со колешката Василка Садикова – Ковачева.
Потекнува од семејство на познат судија, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија. За заменик-обвинител во Гевгелија е избрана 2003 година, а минатата година е реизбрана на функцијата Обвинител во гевгелиското обвинителство. Таа е ќерка на гевгелискиот судија Делеџаков.
„Вечер“: Катица доби 4 милиони евра!
На 27 минатиот месец Собранието на Република Македонија со 64 гласа “за” и 1 воздржан ја усвои Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, со која се обезбедуваат средства за реализација на Финансискиот план на Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за 2016 година.
Се предлага реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2016 година, во износ од 253.682.112 денари кои се наменети за непречено работење и автономно функционирање на Специјалното јавно обвинителство.
Финансиските средства за СЈО ќе бидат наменети за исплата на средства за плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.
Пратениците од партиите на власт побараа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева до Собранието да достави детална информација за што ќе бидат потрошени бараните средства во висина од околу 4 милиони евра и за што ќе бидат потрошени околу еден милиони денари за договорни услуги.
Тие не се задоволни од работата на Јанева, истакнувајќи притоа дека, како што посочија, таа не направила записник за предадените материјали од прислушуваните разговори, го одложила случајот “Пуч” со образложение дека не се подготвени, и оти се ослободени од притвор главните осомничени за случајот.
Повеќе прочитајте во „Вечер“.