-Проектот Купи куќа за млади кој е во рамките на Купи куќа- купи стан, уште од самиот почеток предизвика голем интерес кај јавноста. Во банката постојано се обраќаат клиенти со цел потемелно да се информираат околу деталите за овој проект. Досега имаме примено десетина барања за субвенциониран станбен кредит од оваа програма, и интересот е голем за опцијата за субвенција на месечните рати, од причина што придобивката е подолгорочна, имајќи го предивид фактот што клиентот добива субвенција од 80% во првите 8 години, објаснува банкарот Драган Михајлов од Стопанска банка.
Интересот за овој проект е голем и во Канцеларијата во Министерството за финансии, која дневно ја посетуваат и повеќе од 50 граѓани кои се информираат за условите и за начинот на учество. Континуиран интерес на граѓаните за проектот има и во 33-те подрачни канцеларии. Месецов стартува и караванот за проектот „Купи куќа, купи стан“ на кој граѓаните дополнително ќе можат да се информираат за условите кои се нудат.
Државата на заинтересираните граѓани им стави на располагање и готови, бесплатни проекти за куќа, со што се заштедува и на архитект. Повеќе од 9 илјади граѓани ги симнале плановите од Министерството за транспорт за 6 типски куќи со различна квадратура, од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 квадратни метри. И градежниците велат дека интересот за проектот постојано расте.
-Бевме затечени од големиот интерес и ги вложуваме сите напори да ги примиме сите заинтересирани лица, да ги опслужиме, да ги испратиме до банките за да можат да аплицираат за кредити, вели Роберт Хот, сопственик на градежна компанија.
Подобри услови, големи заштеди
Со овој проект на Владата, младите до 35 години кои немаат сопствен дом, можат да добијат субвенции од државата за купување или доградба на куќа. Заштедите според пресметките се големи, а условите значително подобрени.
На маса се две опции. Преку првиот модел, државата ја субвенционира ратата во период од 11 години. Во првите 8 години, поддршката изнесува 80 проценти од месечната рата, а во следните 3 години државата ќе покрие половина од ратата (главница + камата). Максималниот износ за кредитот е 50 илјади евра.
На пример, ско месечната рата за кредитот изнесува 200 евра, првите 8 години 160 евра од месечната рата ќе плаќа Владата, а само 40 евра ќе плаќа граѓанинот. Деветтата, десеттата и единаесеттата година, месечната рата ќе се плаќа по половина, односно 100 евра Владата и 100 евра граѓанинот. Каматата во првите три години изнесува 3,95 проценти (како и во проектот „Купи куќа, купи стан“), во четвртата и во петтата година каматната стапка изнесува 4,44 проценти, а потоа банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити.
Вториот модел од проектот е наменет за луѓето кои немаат пари за учество, но со своите приходи можат да ја покријат месечната рата. Во овој случај, државата целосно ќе го покрие учеството за станбениот кредит (25% од кредитот). Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра. За овој модел, каматната стапка е фиксна, 6-месечен ЕУРИБОР + 4,5 проценти на годишно ниво и тоа за цело времетраење на отплатата на кредитот. Се заштедува од 2 до 3 илјади евра со повластени каматни стапки.
Кредитот треба да се земе на период од најмалку 20 години, со можност за отплата по 12-та година. Додека трае државната помош, куќата не се смее да се оттуѓува, а услов е лицето да нема подигнато друг станбен кредит. Услов е апликантот да биде на возраст до 35 години (важи и за луѓе со полни 35 години), да свое име да нема друг стан или куќа (во брачна заедница ова важи за двајцата брачни другари). За поединец, максималните месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, а горната граница за брачна двојка е 1.300 евра.
Проектот, според надлежните овозможува надминување на препреките со кои се соочуваат оние кои имаат потреба од свој дом.
Преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега се доделени над 800 решенија. Со проектот се зголеми интересот за кредитирање. Во 2015-та беше забележан пораст на станбените кредити за 18 проценти.