![туризам Скопје најпривлечна дестинација за странците](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/02/turizam.jpg?resize=693%2C461&ssl=1)
Според податоците на ДЗС, бројот на туристите во декември 2015 година изнесува 40.333, а бројот на ноќевањата изнесува 77.423. Во декември 2015-та, во однос на декември 2014-та година, бројот на туристи е зголемен за 24,4%, додека бројот на ноќевањата е зголемен за 19,7%.
Бројот на домашните туристи во декември 2015 година е зголемен за 33,2%, додека бројот на странските туристи е зголемен за 18,9%. Бројот на ноќевањата на домашните туристи во истиот период е зголемен за 27,3%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 14%.
Скопје- атрактивна дестинација
Според податоците на ДЗС за декември 2015-та, половина од странските туристи кои дошле во Македонија го посетиле Скопје, а во просек се задржувале по два дена, најчесто во хотели со четири ѕвезди. Најчести странски гости во земјава се туристите од соседството, односно од Бугарија, Грција, Србија, Турција, Косово и Албанија.
За домашните туристи, во последниот месец од минатата година, најатрактивни биле познатите туристички места, како Охрид, Преспа и Дојран, но и познатите планински туристички центри.
Македонија како туристичка земја може многу да понуди. Промоциите даваат резултат, велат туристичките работници.
„Ги имаме сите предиспозиции, можеме од туризам да живееме, но треба да ја сфатиме работата посериозно. Резултатот на тоа што постојано сме во подем на туристички план е пред сѐ интересот за ова подрачје, како и сериозното вложување во презентацијата на Македонија од туристичка гледна точка. Тука се спотовите, спомениците кои се изградени периодов, што ја прават земјава интересна за странците“, вели туристичкиот работник Гордана Јанакиеска.
Мерките даваат резултат
Трендот на раст на македонскиот туризам започна во 2011-та година, кога почна субвенционирањето на странските гости. Освен промоција на Македонија на туристички план во светски рамки, и многу други мерки придонесоа за зголемување на бројот на туристите. Субвенциите за тур- операторите, евтините авиобилети до Македонија, изградба на модерни плажи, пешачки и планинарски патеки околу езерата, промоција на земјава како атрактивна туристичка дестинација на светските медиуми, можноста за изградба на хотели на државно земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен… се дел од мерките кои овозможија постојан раст на туризмот во последните години и зголемување на бројот на странските туристи, пишува „Република“.
Годинава, според проценките, се очекува да биде рекордна во однос на странските туристи во земјава. Ќе се инвестираат околу 2,5 милиони евра субвенции на тур-операторите кои носат странски туристи во државата, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Кај некои држави веќе имаме зголемување од оваа година на субвенциите, кај 12 држави. А кај седум од нив зголемувањето е од 25 на 65 евра, а кај пет е од 25 на 35 евра, со тоа што следната година ќе имаме дополнително зголемување на 45 евра. Од почетокот на годината, од јануари почна исплатата на субвенциите на тур-операторите и таа се одвива во полн ек и ќе продолжи до нејзиното завршување. Ова е едно од нештата кои помогна за зголемување на бројот на туристи. Од 2007 до 2014 година бројот на странски туристи се зголеми речиси за 100 отсто, вели Груевски.