Србија ќе ги враќа мигрантите во земјите од каде дошле

Србија ќе ги враќа мигрантите во земјите од кои пристигнале, изјави денеска шефицата на Бирото за соработка со медиумите при српското Министерство за внатрепни работи, Билјана Поповиќ-Ивковиќ.

– Станува збор за економски имигранти кои се вратени во Србија, а според сите договори и процедури на нашата земја со земјите во регионот, ние понатаму ќе ги враќаме во земјите од каде се дојдени, бидејќи не се работи за бегалци кои се од подрачјата каде се војува, изјави Поповиќ-Ивковиќ за Танјуг.

Таа истакна дека досега ниту еден економски имигрант не останал во Србија и дека тие по правило не бараат азил во земјата.

– Колку ќе влезат во Србија, според правилата толку и ќе излезат од земјата, нагласи Поповиќ-Ивковиќ.

Претставничката Канцеларијата на УНХЦР во Белград, Мирјана Миленковска за Танјуг изјави дека Хрватска ноќеска со воз во Србија вратила 217 имигранти, кои во моментов се наоѓаат во прифатниот центар во Шид.

Миленковска објасни дека тие воглавно се Авганистанци, Ирачани и мал број Сиријци.

Станува збор за луѓето кои за време на викендот Словенија ги вратила во Хрватска.