СДСМ над судот и законите

Изминува цела недела откако Вишиот Управен суд донесе одлука со која ги отфрли жалбите на техничките министри за внатрешни работи и труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски, по времените мерки донесени од Управниот суд, а изречени во врска со незаконските смени на началници во МВР и директори во МТСП.

Иако времените мерки подразбираат итно и неодложно извршување, Спасовски и Ременски истите целосно ги игнорираат третирајќи ги како воопшто да не постојат. Со ваквото однесување, министрите на СДСМ го погазуваат не само Управниот суд туку и целокупниот правен систем во Република Македонија, пишува Курир.

Имено, станува збор за 41 одлука која се однесува на незаконски разрешувања во двете горенаведени министерства. Дваесет и девет се однесуваат на решенија за разрешување спротивно на законите во МВР, а 12 за МТСП.

Кадрите на СДСМ, на општа зачуденост на целата правна фела, своето незаконско постапување се обидоа да го оправдаат со нивно партиско толкување дека времените мерки се однесувале на задржување на состојбата каква што е во моментов, односно останување на функција на нивните партиски поставени кадровски решенија.

Апсурдот да биде поголем и да се потврди она што е ирационалното, произволно толкување на законот од страна на СДСМ, двајцата министри на опозициската партија се жалат на времените мерки. Дури и на оние кои не се разбираат во правото, им е јасно дека не постои никаква логика да се жалиш на одредена одлука, во конкретните случаи времена мерка, доколку истата е во твоја полза, односно доколку таа вели дека партиски назначените кадри може да останат на позициите.

Замениците министри во двете министерства Митко Чавков и Диме Спасов ги известија вработените дека треба да се изврши примопредавање на работните простории, материјално-техничките средства и документацијата, но од страна на министрите на СДСМ беше закочено спроведувањето на судската одлука.

mitko-cavkov

Заменик министерот за внатрешни работи Чавков денес истакна дека Спасовски е човекот кој интензивно работи на апсолутна партизација на МВР, потсетувајќи дека техничкиот министер донесе 33 решенија кои претставуваат, како што рече, еклатантно кршење на Законот за внатрешни работи, на принципите за управување со човечки ресурси.

-Дваесет и деветте решенија се потврдени од Вишиот Управен суд и во однос на тие решенија деновиве очекуваме и правосилност. Остануваат уште 4 тужби за три веќе имаме првостепена одлука на Управниот суд, а за другата постапката се уште е во тек. По воведување на времената мерка Спасовски ги игнорираше овие судски одлуки продолжи со промените и незаконски распоредувања кои во перцепцијата на секој професионалец во МВР е јасно дека е политички мотивирано, дека тоа се познати активисти на СДСМ кои во својата работна кариера не направиле ништо посебно на професионален план. Со оглед на тоа дека очекуваме правосилност на решенијата задолжитено е спроведувањето на судската одлука и очекувам Спасовски да има доблест да ги корегира своите незаконски одлуки, истакна Чавков.

Согласно законот, казната за неизвршување на судска одлука повлекува и затворски казни до 10 години, доколку со вакво кривично дело се предизвика поголема штета.