Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, информираше кривичната пријава за „учество во тепачка“, која ќе биде поднесена во текот на денов, опфаќа 11 лица навивачи од Црна Гора и 3 лица од нашата држава, навивачи на „Шкендија“ од Тетово.
– Четиринаесетте осомничени се приведени и во консултација и координација со јавен обвинител задржани се во СВР Тетово, по што со соодветна пријава денеска ќе бидат изведени пред судија во претходна постапка на Основниот суд Гостивар, појасни Јосифоски.
Тој нагласи дека СВР Тетово, продолжува со активностите за идентификување и на други учесници во тепачката против кои, исто така, ќе следуваат поднесоци, како и на расветлување на сите поединости, кој се бил инволвиран и зошто се случила тепачката на тоа место.
Вчера попладне во близина на преминот Стража, потсети Јосифоски, дошло до „блиска средба“ на две групи навивачи која прераснала во тепачка. Едно лице било прободено со остар предмет, едно со расченици на главата, а други двесетина побарале медицинска помош во гостиварската и кичевската болница.