Европските пратеници Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, со соопштение посочуваат дека како медијатори ќе помогнат да се идентификуваат критичните точки за да се дојде до конечен договор и кредибини избори.
„Жалиме што не беше постигнат консензус помеѓу сите партии и се надеваме дека темите за кои ние како медијатори разговаравме со сите партии ќе помогнат да се идентификуваат критичните точки кои можат да дадат основа за да се дојде до конечен договор кој ќе дозволи изборите да бидат кредибилни.
Итните реформски приоритети на Рајнхард Прибе треба да се применат како клучни за да се задржи позитивната препорака на отворање на преговори за членство. Потребен е консензус од сите партии за примена на препораките на Прибе околу кои досега практично ништо не е направено освен законот за укажувачите. Како олеснувачи на овој процес од Европскиот Парламент, апелираме до политичките лидери да продолжат со својата посветеност на реформите и се надеваме дека нашето присуство тука ја демонстрира нашата посветеност кон нив, кон народот на државата и неговата европска иднина. Искрено се надеваме дека сите политички партии ќе преземат напори да ги создадат условите за веродостојни избори. Повторуваме дека Европскиот Парламент ќе биде присутен во текот на изборниот период за да ја поддржи оваа цел, како и стремежот кон демократскиот развој кој пред се е во интерес на македонскиот народ“, се наведува во соопштението.