Земан: Ако Грција ги задржи бегалците, треба да и се избрише дел од долгот

Чешкиот претседател Милош Земан не поддржува Европа да и дава пари на Турција за задржување на мигрантите, аргументирајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побарал зголемување на средствата на околу 230 милиони евра, јави дописникот на МИА од Прага.

– Таа не е ниту способна, ниту сака нешто да направи со бегалците, рече Земан на адреса на Турција, на чија помош при совладувањето со миграциската криза се потпира германската канцеларка Ангела Меркел и официјално и цела Европска унија.

Земан ова го изјави еден ден пред утрешниот Самит на ЕУ, каде политичкиот врв на земјите на Унијата ќе се договара за справување со бранот бегалците.

Земан смета дека ЕУ наместо да и верува на Турција дека ќе помогне, би требало да и помогне на Грција да се грижи за мигрантите во бегалските кампови на островите во Егејското Море, а за возврат да избрише дел од долгот на земјата кон европските доверители.

Тој смета дека ако се запрат мигрантите преку Грција тогаш постои опасност тие да се обидат да одат во Германија преку Моравија и предлага чешката полиција во соработка со војската да не дозволи воопшто до тоа да дојде.

– Основно затворање на границата може да се случи за шест часа, а целосно до два дена, рече Земан за чешката телевизија Прима.