Британска телевизија доби список со 22.000 имиња на членови на ИД

Разочаран член на ИД украл УСБ со информации за 22.000 членови на Исламска држава и го предал на британската телевизија „Скај њуз“.

Документите содржеле имиња, адреси, телефони, крвната група, информации за роднините и други податоци за лицата од 55 држави кои се приклучиле кон ИД.

Скај њуз ги известила властите за добиените информации.

– Тоа истекување на информации се смета за сериозен пораз на ИД, бидејќи се добиваат важни разузнавачки податоци за нивната воена состојба во Ирак и Сирија, пишува весникот „Тајмс“.

Според весникот експертите на британското разузнавање МИ-6 и на контраразузнавањето МИ-5 веќе почнале со анализа на информациите.

Во документите има имиња на некои веќе идентификувани џихадисти. Податоците посочуваат дека над 70 отсто од лицата кои се приклучиле кон ИД се од арапските земји, а од европските најбројни се граѓани на Франција, Велика Британија и Германија.

Документите на Скај њуз и ги предал поранешен борец на Слободната сириска армија, кој се приклучил кон ИД и кој се претставил како „Абу Хамед“.

Тој ги предал информациите на новинар во Турција, појаснувајќи дека ја напушта ИД, поради тоа што групацијата ги загубила исламските идеали, во кои тој верува. „Абу Хамед“ додаде дека ИД го напуштила своето засолниште во градот Рака во Сирија и се преместила во пустина.