Градоначалникот на Андреј Жерновски продолжува со опструирање на работата на училиштата каде се уште не инсталирал раководство од партиските структури, пишува Курир.
Порталот Куир дознава дека по директива на градоначалникот, вчера наутро полициски службеници влегле во просториите на основното училиште “Кирил и Методиј“. Начинот на постапување бил идентичен како и при упадот во соседното “Коле Неделковски“, но и при упадот во “11-ти Октомври“, каде по многубројните обиди за девалвација на работењето, организирање наводни протести од родителите, пријава на наводно масовно труење на ученици кое никогаш не беше докажано, директорката беше сменета и на нејзино место се постави партиски послушник на Жерновски.
Сличен е текот на настаните и во ова училиште. „Кирил и Методиј“ неодамна објави јавен повик за избор на нов директор, па оттаму, целта на полициската акција била да се заплаши сегашната директорка како не би конкурирала на огласот, но да се заплашат и членовите на училишниот одбор, кои имаат свој глас при изборот на раководен кадар. Нив, според нашиот извор, полицијата детално ги испрашувала за кого го дале својот глас при изборот на нов директор, иако гласањето е тајно. Дополнително, им било побарано да обезбедат документација за програмата по која работи ова училиште, иако полицијата нема надлежност да ја контролира наставата.
Инаку ова училиште е едно од двете единствени во државата кои работат по престижната меѓународна ИБ програма. Според родителите на учениците со кои разговаравме, менаџментот на училиштето досега одлично ја вршел својата работа.
Оние кои ги видоа полицајците, велат биле зачудени, затоа што речиси никогаш во ова училиште да не се случило ниту минимално нарушување на јавниот ред и мир. Ниту пак, надлежните инспекциски служби не констатирале противзаконски дејствија. Така што, сомнежите ги упатуваат на насилна смена на директорката.
Вистинските мотиви за оваа акција, која ги вознемири наставниците, учениците и родителите, ќе треба да ги каже Жерновски, но и полицијата предводена од техничкиот министер Оливер Спасовски од СДСМ, која засега молчи.