На 19 март во 20 часот и 30 минути, светот ќе испрати уште една симболична порака за заштита на Земјата. Историски обележја, домови, излози и многу други објекти на сите континенти ќе бидат 60 минути во темнина по повод одбележување на Часот на планетата Земја. ЕВН Македонија и годинава ќе ја поддржи акцијата со симболично исклучување на светлечките реклами на своите објекти и организирање на едукативен настан за поттикнување на енергетската ефикасност.
Се работи за уникатен перформанс – театар на сенки и акустична музика што ќе се одржи во Даут пашиниот амам во старата скопска чаршија. Гостите ќе можат да ја проследат специјалната претстава посветена на Часот на планетата Земја, а сите заинтересирани, во интерактивниот дел од претставата, ќе можат да научат како и самите во своите домови да изведат театар на сенки.
ЕВН Македонија и оваа година ќе го поддржи здружението „Часот на планетата Земја во Македонија”. Поддршката се состои во заедничка организација на наградниот конкурс на тема „Како го одбележавте Часот на планетата Земја?“. Во рамки на конкурсот, ќе се одберат најдобрите 10 фотографии и видеа од одбележувањето на часот на планетата Земја во Македонија. Наградените ќе добијат сет од 10 ефикасни лед светилки. Во конкурсот ќе учествуваат сите оние кои на социјалните мрежи ќе објават фотографија или видео со ознаката #EarthHourMK или пак ќе ги испратат преку емаил на [email protected].
По ноќните читања со ЕВН за Часот на планетата Земја, ова е уште еден придонес на компанијата кон оваа планетарна акција чија цел е да се подигне свеста на луѓето за разумното користење на електричната енергија и климатските промени како последица.