– Изјавите на Катица Јанева насочени кон негирање и деградирање на постојните државни органи и институции во Република Македонија истакнувам дека се неприфатливи, неодговорни и компетенциите на ова лице во вршењето на работите кои и се дадени во надлежност тоа не го дозволуваат, вели Гошева во писмената реакција.
Таквите изјави, како што подвлекува, ја компромитираат всушност нејзината улога која ја има во обвинителството.
– Таа треба да знае дека Република Македонија е демократска и независна држава во која функционираат институции основани со Устав и закон, во согласност со демократските принципи, вели Гошева.
Посочува дека Уставниот суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.
– Никој во Република Македонија нема право да креира форма на противуставно и противзаконско делување, со активности и делувања насочени кон рушење на демократските вредности и правила на владеење, вклучително и со изјави од типот на негирање на институциите на државата, како што во последниот случај тоа го направи Катица Јанева со своите изјави, кои наликуваа на кампања, што е спротивно на нејзината улога во обвинителството, истакнува Гошева.
Во писмената реакција Гошева порачува да се ослободи Уставниот суд на Република Македонија, како и останатите институции на организацијата на државата од, како што вели, „субјективни фрази и квалификации во изјави кои поттикнуваат антидемократски методи и средства на делување во нашето општество, што е спротивно на уставното уредување конципирано во Уставот на Република Македонија“.