Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Спасов.
Од постоењето на независна Македонија изминативе 10 години Владите на ВМРО-ДПМНЕ направија најмногу за стандардот на граѓаните за нивен поквалитетен и достоинствен живот. Се грижевме за младите, за невработените, за пензионерите, за граѓаните во социјален ризик. Потврда за тоа се бројките и проектите содржани во овој Отчет, а кои се реализирани во 2006 до 2016 година. Значително успеавме да ги намалиме последиците од транзицијата кога Македонија беше изложена на економски пустош.
Нашите дела се проектите и постигнатите резултати.
Со право можеме да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ го врати достоинството на пензионерите односно старите лица во Република Македонија. Со многу проекти влијаевме да се подобри нивниот статус во различни сегменти од нивното севкупно живеење.
Оваа Влада обезбеди исплата на пензии секоја прва седмица од месецот истовремено за сите пензионери. Дополнително го јакневме стандардот на пензионерите така што најниската пензија ја зголемивме за 90,32% од 4.330 денари во 2006 година на 8.241 денари во 2015 година. Додека пак просечната пензија ја зголемивме за 70,1 % во 2006 таа изнесуваше 7.688 денари а во 2015 13.077 денари.
На барање на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија ги превзедовме проектите Бањско-климатска рекреација и Бесплатен туристички викенд за пензионери кој исклучително допринесуваат за здравјето на нашите сограѓани во третото доба. Бањско климатската рекреација од 2010 година до 2015 ја искористиле над 32.630 лица а проектот бесплатниот туристички викенд кој го започнавме минатата година го искористија над 2500 лица. Проектите продолжуваат со реализација и во 2016 година.
Згрижувањето и квалитетното поминување на времето е начин на забавување на процесот на стареeње кај старите лица. За таа цел развивме мрежа на дневни центри за стари лица низ целата држава и досега се отворени вкупно девет дневни центри. Паралелно ги подобрувавме условите за живот и престој на корисниците во постоечките старски и пензионерски домови. Во 2014 година го отворивме новиот современ објект на Дом за стари лица „Сју Рајдер“-Битола а во 2015 година ставен е во функција Дом за стари лица „Д-р Иван Влашки“ – Берово.Спроведовме и реконструкција на пензионерските домови во Ѓорче Петров и Чаир а во 2015 година се реконструираа и пензионерските домови во општина Аеродром, општина Гази Баба.
Со цел да го стимулираме отворањето на приватни домови за стари лица а со тоа да се зголемуваат капацитетите за сместување на стари лица донесовме пакет поволности и тоа: продажба на градежно земјиште по цена од 1 евро за м2, намалување на цената на комуналните такси за 95%, поддршка преку Македонската банка за поддршка на развојот, Агенција за поттикнување на претприемништво и Агенција за вработување на Република Македонија.
До сега отворени се 17 приватни установи за социјална заштита на стари лица. Исто така, продадени се 3 локации (во Општина Аеродром, во Општина Илинден и во Општина Охрид), продадени се и два објекта со намена за изградба на дом за стари лица (во Општина Пехчево и во Општина Петровец-Катланово).
Во насока на подршка на заинтересираните инвеститори за отворање приватни старски домови, Агенцијата за вработување од годинава доделува неповратни средства за набавка на основни средства и опрема за домови за стари лица со минимум капацитети за сместување на 40 лица и минимум 4 вработувања во висина од 750.000 денари.
За намалување на трошоците за превоз на пензионерите обезбедивме бесплатен јавен транспорт во градскиот сообраќај во Скопје во текот на четири дена во неделата и бесплатен викенд за стари лица за превоз во железничкиот сообраќај низ државата за мажи над 64 години и жени над 62 години при што досега оваа мерка ја имаат искористено над 40.000 лица.
Сакајќи да ги вклучиме пензионерите во процесот на носење на одлуки за иницијативи поврзани за нив во 2015 година го формиравме Советот за социјална сигурност во кој членуваат претставници од Сојуз на здруженијата на пензионерите, експерти, претставници на државни институции. Овој чекор директно покажува дека како Влада придаваме огромно значење на унапредувањето на правата на пензионерите во Република Македонија.
Во 2006 година наследивме уништена економија, голема стапка на невработеност од 38%. Периодот на владеење на транзициските политичари остави многу луѓе и семејства во социјален ризик и тешка материјална положба. Република Македонија е социјална држава каде секој граѓанин има право на достоинствен живот. Оттука си поставивме за приоритет да со повеќе мерки и проекти да помогнеме на социјално ранливите категории да ја надминат сиромаштијата.
Од 2006 континуирано се зголемуваа правата од социјалната заштита како социјалната парична помош која во просек од 2006 година до 2015 година се зголеми за 61,8%. Ја зголемивме и постојаната парична помош во изминативе девет години 60,5%. Го зголемивме и правото на помош и нега од друго лице како подршка за лицата кои не се во можност сами да се грижат за себе. Од 2006 година до 2015 година ова го зголемивме за 32,7%.
Дополнително како подршка на социјално ранливите категории го превзедовме проектот Отпис на долгови на граѓани од ранливи категории при што се отпишуваа долговите на корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години. Во рамки на овој проект донесени се 14.869 одлуки за отпис на долгови и отпишан е долг во износ од 1.798.493.393 денари.
Од 2010 година го реализираме проектот Заштита од енергетска сиромаштија кој предвидува секое семејство корисник на социјална парична помош секој месец да добива неповратни финансиски средства за покривање на дел од трошоците за потрошена енергија. Правото на заштита од енергетска сиромаштија во 2010 година изнесуваше 600 денари месечно, а во јули 2015 година изнесува 800 денари месечно. Од истата година започнавме со финансиска подршка во износ од 12.000 денари годишно на учениците во средното образование кои доаѓаат од социјални ранливи семејства а кои редовно ја посетуваат наставата. Домаќинствата кои се наоѓаат во социјален ризик и се корисници на социјална и постојана парична помош од 2014 година се ослободени од плаќањето на радиодифузна такса.
Наша цел е активното вклучување на невработените лица во социјален ризик на пазарот на труд. Тие се опфатени како посебна категорија во проектот „Македонија вработува“ кој што генерираше над 15.200 работни места до сега. потоа и во неколку мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Во тој контекст ја донесовме и мерката за вработување на 1.600 лица во јавната администрација од социјално загрозени семејства како и Програмата Д-10 за вработување на лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа преку која досега се вработија вкупно 143 лица.
Во мандатот на владите на ВМРО-ДПМНЕ за првпат се воведени парични права наменети лицата со инвалидност како финансиска подршка за вклучување во секојдневниот живот.
Во 2012 година го воведовме правото на додаток на слепило за потполно слепи лица во износ од 7.000 денари потоа правото на додаток на мобилност во износ од 7000 денари за лица со телесен инвалидитет со навршени 26 години, лица со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои користат инвалидска количка со придружник. Во 2014 година воведен е паричниот додаток на глуви лица е 4.000 денари заради обезбедување социјална интеграција на потполно глувите лица.
Децата со попреченост заслужуваат пристојно детство а нивните родители подршка од државата за да може да ги издржуваат своите деца и да ги покријат нивните специфични потреби. Токму поради тоа го зголемивме износот на посебен додаток за самохрани родители на дете со пречки во развојот за 50% и истиот наместо претходно законски утврдениот надоместок од 4366 денари сега изнесува 6.303 денари. За 25% го зголемивме посебниот додаток за материјално необезбедени родители на деца со пречки во развојот и за 25% го зголемивме додатокот за згрижувачки семејства.
Ова се само дел од мерките и проектите кои ги реализиравме изминатите 10 години а се содржани во овој отчет. Имавме должност да ги оствариме вашите очекувања односно нашите ветувања. И во тоа е разликата меѓу нас и политичарите кои само зборуваат. Пред вас се делата на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните знаат да препознаат и секогаш знаеле. На 5 јуни ВМРО-ДПМНЕ ќе добие нова задача – да продолжи да ја гради европска и просперитетна Македонија.