Спасов: Со „Македонија вработува“ се отворени 15.900 работни места

Проектот „Македонија вработува“ е проект кој ја одбележа 2015 година. Започна да се реализира на средина на април 2015 со цел да се помогне на повеќе групи невработени лица кои се помалку конкурентни на пазарот на трудот, како и преку низа на поволности да се мотивираат приватните компании.

Ова го истакна заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во своето гостување во Радио Слободна Македонија, а потенцираше и дека фирмите кои ќе вработат лице кое е дел од овој проект ќе заштедат поголеми средства и да го забрзаaт процесот на отворање на нови раб места.

Проектот имаше исклучително добри резултати и заклучно со денес за помалку од една година се отворени 15.900 работни места .

-Би сакал да ги поттикнам сите приватни компании да ја искористат оваа единствена можност за да заштедат средства и да отворат нови работни места. Поволностите кои ги нуди проектот се ослободување од персонален данок и ослободување од плаќање на социјални придонеси. Зависно од која категорија на невработени лица ќе бидат вработени, ослободувањето може да изнесува од 27 до 37 проценти до просечна бруто плата во период од 3 до 5 години, а за највозрасните до нивното пензионирање. Досега овој проект помогна на над 8700 компании да отворат нови работни места и вкупно се отворени 15.900 работни места. Од овие 8700, дури 7700 компании се мали компании со до 10 вработени. Најголемиот успех на владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминатите 10 години е падот на невработеноста и креирањето на нови работни места. Ако во 2006 година ја затекнавме ситуацијата со над 38% невработеност, заклучно со последниот квартал од минатата година невработеноста падна на 24,6%, што е огромен пад за период од 10 години. Секако дека е се уште висок и треба да продолжиме со политиките кои даваат резултат за континуирано да продолжи падот на невработеноста, меѓутоа во овој период од 10 години се отворени над 150.000 работни места, изјави Спасов за Радио Слободна Македонија.

Дополнително, преку мерките кои се реализираат преку МТСП, како што е мерката за вработување млади лица до 29 години, којашто беше иницијатор на „Македонија вработува“, се реализираа над 12.800 вработувања. Оваа мерка почна да се реализира во март 2014 година, а заврши овој март.

Околу 10 милиони евра се реализираат за активни мерки и политики за вработување преку директно грантови за самовработување од 3000 евра, преку мерки за субвенционирано вработување, до мерките за практиканство и обука за побарувани вештини на пазарот на труд, преку кои изминатите години се отворени околу 34.000 работни места.

За оваа година обезбедени се над 11,5 милиони евра само за активни мерки и политики за вработување и се очекува уште околу 8000 работни места да се отворат преку овие директни субвенции на приватните компании.