Раст на извозот за 7,5% во првите два месеци од годинава

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови…

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари- февруари 2016 година, изнесува 39.078.145 илјади денари и бележи пораст од 7,5% во однос на истиот период од минатата година, објави Државниот завод за статитиска.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-февруари 2016 година, изнесува 51.173.788 илјади денари што е за 7,4% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-февруари 2016 година, изнесува 12.095.643 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари- февруари 2016, изнесува 76,4%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-февруари 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.