Холанѓаните гласаат на референдум за асоцијацијата меѓу ЕУ и Украина

Холанѓаните гласаат на референдум за асоцијацијата меѓу ЕУ и Украина
Холанѓаните гласаат на референдум за асоцијацијата меѓу ЕУ и Украина

Холандските гласачи денеска ќе се изјаснат на референдум за Спогодбата за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, кој се организира на брање на евроскептичните организации.

Во 2005 година Холандија на референдум со големо мнозинство го отфрли предлогот за донесување европски устав .

Договорот за асоцијацијата на Украина со ЕУ, има за цел да ги подобри политичкиот дијалог и економската и трговската размена меѓу Унијата и Киев.

Властите во Киев на овој договор гледаат како на почетокот на нова ера за Украина, додека Москва смета дека тој претставува мешање на Европејците во руската сфера на влијание.

Холандија е единствената земја од ЕУ која се уште не го ратификувала Договорот за асоцијација. Тој беше одобрен од Парламентот, но холандски евроскептични организации собраа над 300.000 потписи за организирање на денешниот референдум.

Минатата недела самите иницијатори на референдумот признаа дека тој всушност нема влијание врз Украина, туку дека нивната цел е да се промовира антиевропски политика и на холандските граѓани да им се овозможи да го изразуваат своето мислење за работите кои се случуваат во Брисел.

Гласањето ќе биде валидно ако на него учестуваат над 30 отсто од гласачите. Резултатите не се обврзувачи, па Хаг неколку пати потенцира дека ќе почека за да одлучи што ќе преземе по референдумот.

– Ако победи одговорот „не“, Владата ќе биде во тешка позиција во момент кога Холандија е актуелен претседавач со ЕУ. „Не“ на референдумот може да стане причина за европска криза, предупреди претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.

Според Тони ван дер Тог, аналитичар во хашкиот Институт за меѓународни односи „Клигендел“, организаторите на референдумот може во иднина да побараат и гласање за излез на Холандија од ЕУ.

На 23 јуни Британците ќе гласаат на референдум за останување или излегување од ЕУ.