
Свечено одбележување на јубилејот „40 години Кинотека на Македонија“ ќе се одржи во просториите на Кинотеката, на 27. април (среда), со почеток во 12 часот.
На 29-ти април 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотеката на Македонија, токму затоа секоја година, април е месец на Кинотеката или најточно речено празник кога уште еднаш, достојно се прославува филмската уметност, националното аудиовизуелно наследство и луѓето заслужни за неговото создавање и чување.
Имајќи предвид дека една од основните дејности на Кинотеката е чувањето на аудиовизуелното наследство, а секако и паметењето на низата исклучителни македонски режисери, сценаристи, директори на фотографија, монтажери, тонци и актери – секоја година – традиционално ја доделуваме наградата „Златен објектив“ – Награда за исклучителен придонес во македонската кинематографија.
Оваа јубилејна 40-та година ќе биде одбележена со свечена академија по повод 40-годишнината од постоењето на Кинотека на Макдеонија и доделување на наградата „Златен објектив“ на македонски автор со особен придонес кон македонската кинематографија.
Публиката ќе може да ги погледне реставрираните филмови „Хај-Фај“ на Владимир Блажевски, „Жед“ на Димитрие Османли и „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски.