Јакупи: Незадоволните од избирачкиот список треба да достават доказ

Јакупи: Незадоволните од избирачкиот список треба да достават доказ
Јакупи: Незадоволните од избирачкиот список треба да достават доказ
Процедурата за прочистување на Избирачкиот список треба да заврши до 20 мај и дотогаш секој што смета дека во списокот има некаква аномалија треба да ни достави доказ за тоа или, ако смета дека постојат причини за недоверба кон списокот, предлог како да се поправат состојбите, вели членот на ДИK, Субхи Јакупи за Дневник.

Тој е дециден дека според законот таква обврска имаат и двајцата членови на ДИK од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, кој ги бојкотираат седниците, како и претседателот на ДИK, Александар Чичаковски, кој гласаше против завршниот извештај за проверката на гласачите.

– Избирачкиот список е ставен на јавен увид и ние секојдневно ја следиме состојбата со забелешките што ни пристигнуваат од сите градови. Секој ден добиваме нови податоци и на тој начин се прави еден вид прочистување и така ќе биде сè до 9 мај. Освен лично во канцеларите, граѓаните може да направат увид преку нашата веб- страница каде што освен според матичниот број ја вративме и опцијата за проверка преку гласачкото место. И секој што има доказ дека нешто не е во ред, може да побара аномалијата да биде отстранета. Исто така, очекуваме дека и двајцата наши колеги и претседателот на Kомисијата ќе ни достават свој конкретен предлог во кој ќе кажат што според нив треба да се подобри во Избирачкиот список. Чекаме предлог оти законот пропишува дека ДИK работи на тој начин – вели Јакупи за Дневник.

Тој вели дека по 9 мај и политичките партии ќе може да достават такви предлози.

– Партиите ќе добијат ЦД со Избирачкиот список во прочистената верзија по завршениот јавен увид. Имаат пет дена да ни ги достават своите мислења и забелешки. Ако не се задоволни од тоа што ќе биде наш одговор, секогаш може да поднесат тужба пред Управниот суд – вели членот на ДИK од ДУИ.

На прашањето на Дневник дали и што останува да се расчистува во Избирачкиот список, тој вели дека главните работи се завршени.

-Направивме големи теренски и административни проверки. Треба да се знае дека ние сме професионален орган. Не сме инспекција и не можеме да проверуваме, на пример, како се издавани личните карти. За тоа се задолжени други институции. Наша обврска е да го составиме Избирачкиот список и во него ги ставивме лицата со навршени 18 години што имаат валидни лични карти и патни исправи. Списокот сè уште се ажурира и ако некој смета дека нешто не е во ред треба да ни остави доказ и предлог како да се реши проблемот – категоричен е Јакупи.